Денеска во Кавадарци беше отворен почесен конзулат на Република Словенија, а за почесен конзул е именуван стопанственикот Александар Гечев.
Гечев изјави дека идејата за отварање на Конзулатот дошла како резултат на успешната инвестиција на кавадаречката компанија ИГМ-трејд во Словенија, каде тој е дел од сопственичката структура на компанијата. Тој појасни дека станува збор за најголема македонска инвестиција во Словенија од 40 милиони евра, годишни приходи од 50 милиони евра и 100 нови вработувања. Нагласи дека планираат и нови, уште поголеми инвестиции во таа земја. Од друга страна, додаде, на македонскиот пазар присутни се словенечки компании од повеќе области, меѓу кои и винарството.
–Ќе се залагам првенствено за продлабочување на соработката помеѓу стопанственици од двете земји. Целта е овозможување нови инвестиции во двете насоки – рече тој меѓу другото.
Гечев нагласи дека големо внимание треба да се посвети и на промоција на винарството и винскиот туризам кои се особено значајни за Тиквешкиот регион. Како конкретни задачи на конзулатот ги нагласи зголемување на бројот на словенечки туристи, размена на искуства со осврт на искористување на ЕУ – фондови.
Тој исто така потсети дека над илјада маједонски студенти студираат на универзитети во Словенија.
Словенскиот амбасадор во земјава, Милан Јазбец рече дека е ова голем ден за сите, празник за сите. Појасни дека ова е втор почесен конзул во земјава, а изборот на Гечев бил поради успешната стопанственичка природа.
Јазбец изрази надеж дека Северна Македонија ќе добие датум за почеток на преговори со ЕУ.