Јавното обвинителство од Кавадарци го отфрли обвинението против Зоран Јованчев, претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Кавадарци за наводен криминал за кражба на вода.
Според Јованчев, власта во заминување преку своите кадри во институциите се обиделе да му го подметнат случајот. Тој во неговата објава на фејсбук го објави и решението издадено од страна на Јавното обвинителство од Кавадарци.
Јованчев бара итно извинување од страна на ОО СДСМ кавадарци за изнесените лаги со цел негова лична деградација, во спротивно, како што вели, ќе биде приморан да поднесе кривична пријава за клевета и навреда на неговата чест и углед.
– Повеќе од јасно е дека СДСМ е во страв и во паника од пораз на претстојните предремени парламентарни избори, па се служи со невистини, лаги и манипулации. Сакам јавно да им порачам дека нема да ме заплашат со вакви конструирани случаи, туку напротив ме охрабруваат се погласно да зборувам за нивната неспособност, неработа, катастрофални политики кои што ја спроведуваат секојдневно во сите сегменти од општеството, пишува Јованчев.
На крајот од објавата тој порачува дека ОО СДСМ Кавадарци се прочитана книга за кавадарчани, но и за Македонија и дека времето на лаги и уцени завршува, а на 12 април доаѓа Обновата на Република Македонија.