Од денеска се отвораат сите гранични премини во земјата, освен аеродромите, но за влез и натаму мора да се приложи валиден негативен ПЦР тест и да се потпише изјава за задолжителна самоизолација од 14 дена. Новина е што странците сега ќе можат да транзитираат низ земјава преку сите гранични премини, но задржувањето во земјава не смее да биде подолго од пет часа.
Според владината одлука, останува во сила и мерката за државен карантин во траење од 14 дена, за сите граѓани или странци со регулиран престој во земјава, коишто при влез на територија на Македонија нема да приложат валиден ПЦР тест или ќе приложат невалиден ПЦР тест.
Останува и можноста граѓаните кои се во државен карантин и што сакаат да им се направи ПЦР тест на нивно барање, тоа да им се овозможи од страна на овластена институција во најкраток рок. Оние граѓани на кои направениот ПЦР тест е негативен, потпишуваат „Изјава за задолжителна самоизолација во траење од 14 дена“ каде се пресметани и деновите поминати во државен карантин, и го напуштаат државниот карантин и заминуваат во задолжителна самоизолација на адресата определена во дадената изјава. Доколку граѓаните не сакат да им се направи ПЦР тест, остануваат во карантин 14 дена, а по тој рок од страна на овластени претставници од Државниот санитарен и здравствен инспекторат им се изготвува Решение за здравствен надзор и домашна самоизолација.
Владата го дополни и Протоколот за непречен транзит на странски државјани низ територијата на Република Македонија.
Од денеска протоколот овозможува влез на сите гранични премини на државјани на други држави за транзитирање низ територијата на државата. Останува одредбата во протоколот која пропишува дека транзитот на овие лица подразбира влез на еден граничен премин и излез на друг со обврска при транзитот да не се излегува од соодветниот автопат или локален пат и тој да се реализира во рамките на најмногу 5 часа што се потврдува со изјава која странските државјани треба да ја пополнат на влез, а на излез треба корисникот да ја предаде на граничната полиција со цел да се контролира времетраењето на транзитот.