Во Србија остануваат на сила досегашните мерки против ширењето на коронавирусот. На денешната седница на кризниот штаб е донесена одлука дека е дозволено работното време на угостителите и другите непрехранбени објекти до 20 часот.
Исто така, како што се додава, донесена е и одлука дека нема причина второто полугодие да не почне кога е и планирано, на 18 јануари.
Српските медиуми пренесуваат дека како образложение за продолжување на постоечките мерки е податокот дека тие даваат резултати, а дека нивната примена не е временски ограничена, туку ќе се следи ситуацијата.
Остануваат на сила и мерките и за ПЦР-тестовите за странци, при влез во Србија. Едногласно е одлучено и дека нема да има ограничувања за дочек на Српската нова година.
Инаку, на сила се мерките: забрана за собир на повеќе од пет луѓе, задолжително носење маски во затворено, ПЦР-тестови или карантин од 10 дена при влез во Србија и ограничено работно време – сите угостителски објекти и трговски центри работат до 20 часот, а продавниците до 21 часот.