Под слоганот „Држава што не постапува е држава која силува“, се одржа и петтиот по ред традиционален марш за меѓународниот ден на жената, 8ми март.
Активисти и организации за женските права маршираа за родова еднаквост, но и за расчистување на случајот „Јавна соба“. МВР и Јавното обвинителство да започнат да работат, нема да застанеме дури не се исполнат нашите барања, се само дел од пораките кои беа испратени.
– Држава конечно да почне да постапува за насилниците кои малтретираат, застрашуваат, тепаат и убиваат жени, порачаа активистките.
Сите кои маршираа беа облечени во црно, за да изразат гнев и револт. Побараа кривична одговорност за сите, а не само за оние кои објавувале податоци и фотографии од малолетни девојчиња.
Побараа од надлежните да си ги оправдаат позициите и да си ја сработат платата така што институциите ќе постапуваат во вакви случаи и ќе се стави крај на родовото насилство. Инаку и за ланската и последната „Јавна соба“ нема разрешување, односно сеуште се заглавени во правосудните лавиринти.