Македонија 01. февруари 2019. / 09:40

Османи во работна посета на Финска

Османи во работна посета на Финска

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, денеска ќе престојува во работна посета на Република Финска, каде ќе оствари средба со Министерот за Европски прашања, Само Терхо.

Во рамките на посетата, Османи ќе има средба и со претставниците на Кабинетот на Премиерот Јуха Сипилја, претставниците на Комитетот за европски прашања при финскиот Парламент, како и со претставниците на Министерството за надворешни работи.

Со оглед на фактот што од 1 јули годинава, Финска ќе го презеде шестмесечното претседавање со Европската Унија, на средбите се очекува да бидат отворени прашањата за приоритетите на финското претседателство; предизвиците и перспективите за проширувањето на Унијата со земјите од Западниот Балкан; како и за билатералната поддршката на Република Македонија од страна на Финска, особено за процесот на евроатланско интегрирање на земјава.

Работната посета на Финска е дел од мини-турнејата на Вицепремиерот Османи на тројката земји – претседавачи со Советот на ЕУ во наредните 18 месеци, на која и претходеше посетата на Романија која моментално е претседавач со Советот на ЕУ, а ќе следи и посета на Хрватска како земја која ќе го преземе претседателството од Финска.