Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи денеска ќе престојува во работна посета на Република Полска, а централна тема на средбите што ќе ги има ќе бидат европските перспективи на Македонија и полската поддршка.
Во рамки на посетата на Варшава, Османи ќе се сретне со државниот секретар за европски прашања во Министерството за надворешни работи на Полска, Конрад Шимански, а ќе се сретне и со шефот на полската дипломатија Јацек Чапутович.
Посетата на Варшава, како што соопштуваат од СЕП, е дел од европската турнеја на вицепремиерот Османи за посета на европските метрополи, а во пресрет на октомвриските состаноци на Советот на ЕУ.
Османи вчера беше во посета на СР Германија, каде што од државниот министер за Европа и претставник на Германија во ЕУ, Михаел Рот, доби потврда дека германската Влада во целост ги поддржува европските интеграции на Северна Македонија и дека цврсто ќе застане за време на сесијата на Бундестагот во одбрана на позициите за старт на пристапните преговори во октомври.