Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи им се обрати на пратениците во Европскиот парламент во рамките на дебатата за резолуцијата на Европарламентот за Македонија.
Членовите на Комитетот за надворешни работи во Европарламентот го прашуваа министерот Османи за тоа како Македонија ги спроведува реформите поврзани со ЕУ, за подобрувањето на меѓусоседските односи, домашните реформи и за надворешна политика.
Европратеникот Пицула изрази охрабрување до двете страни.
– По сите напори во текот на годинава, разочараноста за процесот на проширување е уште поголема. Ги охрабрувам двете страни да продолжат со дијалог, изјави европратеникот Тонино Пицула.
Османи се осврна на договорот со Бугарија.
– Договорот за пријателство со Бугарија е формула за успех, споровите се емоционални и со емоции е тешко да се постигне рационален пристап, посебно во предизборен период, објасни Османи, истакнувајќи дека за само осумнаесет месеци остварени се 11 средби на заедничката интердисциплинарна комисија и постигнат е договор за два историски периоди и пет историски фигури.
Тој зборуваше и за идентитетските прашања.
– Секако, не може да се дебатира за идентитетските прашања. Ако постои некаков напредок изминатиот период, тоа е дека Бугарија се изјасни дека нема да се разговара за прашањето за идентитетот, изјави министерот за надворешни работи.
Претходно европратениците дебатираа за нацрт-годишниот извештај за Македонија во кој известувачот за Македонија, бугарскиот европратеник Илхан Ќучук ја поздрави јасната стратешка насока и посветеност на земјава кон евроинтеграциите. Тој на комисијата за надворешни работи во европскиот парламент изјави дека очекува напредок во разговорите меѓу Скопје и Софија.
– Се надевам дека Софија и Република Македонија ќе направат напори за изнаоѓање решение за спорот. Верувам дека ќе имаат конструктивни разговори што поскоро. Двете земји успешно копретседаваа со Берлинскиот процес, изјави бугарскиот европратеник Ќучук.
Извештајот ги повикува властите во Скопје да работат на натамошно зајакнување на демократскиот процес, владеењето на правото и борбата против корупцијата. Исто така, се поздравува консензуалниот ангажман на главните политички сили во земјата, кој овозможи да се донесе клучното законодавство и го олесни непречениот изборен процес во јули.