Македонија 16. септември 2019. / 22:04

Османи: „Рекет“ од криза може да го претвориме во можност пред странците, да видат дека сме транспарентни

Османи: „Рекет“ од криза може да го претвориме во можност пред странците, да видат дека сме транспарентни

Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, во разговор за МИА, вели дека е оптимист дека многу брзо ќе се најде компромис помеѓу политичките партии за законот за јавно обвинителство затоа што преголема е одговорноста во однос на добивањето датум за преговори, иако овој закон не е формален услов за тоа.

За средбите во Брисел вели дека се оптимистички и позитивни за нас.

– Прво мислам дека беше важно да се имаат овие средби денеска и да се пренесе развојот на случувањата кај нас, меѓутоа и да се добие чувство за тоа што се случува во Брисел, со цел да го искористиме овој период од 29 дена максимално во корист на позитивна одлука. Средбите се оптимистички, позитивни, се разбира дека и ние ги презентиравме нашите аргументи и сметам дека доколку во наредните 29 дена не се направи некаква политичка грешка во државата и се донесе законот за јавно обвинителство, односно се постигне компромис помеѓу владата и опозицијата за овој закон, нема да има аргумент која било земја членка да каже не за одлуката за отпочнување на преговори. – изјави Османи.

Вицепремиерот тврди дека одлуката од јуни во октомври беше одложена само затоа што германскиот Бундестаг немал време да ја разгледа препораката на Комисијата.

– Мислам дека и во јуни немаше аргументи, одлуката беше одложена само затоа што Бундестагот немаше време да ја разгледа препораката на Комисија, меѓутоа од ниедна земја членка не добивме нов бенчмарк или ново условување или негодување за нашето портфолио, причината беше техничка. – констатира тој.

Според Османи, Рекет од криза може да се претвори во можност, бидејќи институциите транспарентно работеле да го расветлат случајот.

– Случајот Рекет е едно од прашањата што се покренува на секоја од средбите, дали со земји членки, дали со Комисијата. Меѓутоа јас ќе повторам дека случајот Рекет што на некој начин е криза, ние можеме да го претвориме во можност, со тоа што институциите ќе се соочат со него транспарентно и ефективно и ќе ги расветлат сите аспекти, без оглед која ќе биде завршницата на оваа истрага. Криминал и криминалци има секаде, разликата се прави во зависност од тоа дали имате институции што се справуваат со тој криминал. Мислам дека временски се погоди овој случај да ни биде како тест пред големата октомвриска одлука дали институциите созреаја со реформите од планот 3 6 9 и планот 18. Првичните случувања окол Рекет укажуваат дека институциите се витални, пулсираат и не препознаваат веќе луѓе под и над законот туку исти се законите. – кажа Османи.

Целото интервју на вицепремиерот прочитајте го ТУКА.