Македонија и Албанија може да се разделат од пакетот заради почеток на пристапните преговори за во ЕУ.
Овие гласини за ТВ21 ги потврди и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, но се надева дека тоа нема да се случи.
– Има гласини дека може да се разделат. Јас не би сакал тоа да се случи бидејќи мислам дека двете земји заслужуваат почеток на преговорите, но на крајот не сме ние тие кои одлучуваат, затоа не треба да се мешаме во оваа дебата дали Албанија треба да добие датум или не. – вели Бујар Османи за ТВ21.
Османи рече дека Македонија е во последните 5 историски недели кога се очекува да се добие датум за почеток на преговорите, затоа се прават последните обиди за заокружување на процесот. Тој денеска престојува во Стокхолм за потоа да ја продолжи агендата во Брисел, Берлин и Париз.
– Франција во моментов е во процес на носење на финалната одлука. Со сите тешкотии од отпорот на јавноста, и дилемите во врска со проширувањето воопшто, јас мислам дека нашето досие, нашата приказна е толку силна што нема да ја остави индиферентна ниту Франција за да го негира успехот што го постигнавме во последниве 3 години. – додава Османи.
Што се однесува до гласот од Германија, Османи очекува дека на 26 септември Бундестагот ќе донесе позитивна одлука за Македонија. Евро амбасадорот Самуел Жбогар, во врска со ситуацијата за СЈО, вчера изјави дека наоѓањето решение за функционална правда е поважно отколку добивањето датум.
– Имаме уште еден месец до 15 октомври и мислам дека има неколку очекувања од земјите членки дека ќе има гаранција за предметите на СЈО. – изјави Самуел Жбогар.
И министерот за надворешни работи, Никола Димитров оваа недела оствари средби со претставници од земјите членки на ЕУ презентирајќи им ги аргументите зошто РСМ треба да добие датум за преговори во октомври. Како што известуваат од неговиот кабинет, министерот за надворешни работи на Германија, Хајко Мас е оптимист и рече дека “не гледа никаква пречка Македонија да ги започне преговорите за членство во ЕУ“.