Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, оствари работна средба со новата aмбасадорка на Република Хрватска во земјава, Нивес Тигањ.
Средбата е остварена непосредно по вчерашното преземање на Претседателството со Советот на ЕУ од страна на Хрватска која ќе претседава со Унијата во наредните шест месеци.
– Честитки за вашата нова позиција како амбасадорка на пријателска Хрватска во земјава. Навистина клучен период во кој ја преземате функцијата, за кој се надевам дека ќе можеме да го одбележиме и како историски за нашите две земји, особено за нашите европски интеграции – истакнал вицепремиерот Османи, стои во денешното соопштение од Секретаријатот за европски прашања.
Османи потенцирал дека Хрватска во континуитет изразува јасна поддршката за европските интеграции на Македонија и воопшто, поддршка за европската приказна на целиот Западен Балкан.
– Очекувањата се навистина големи, и ние сме свесни дека Хрватска ќе ги вложи сите напори за да го задржи процесот на проширување високо на агендата на ЕУ, како дел од севкупната поддршка кон регионот, што е веќе потврдено со најавениот мајски самит на ЕУ тематски посветен на Западниот Балкан – изјавил Османи.
За време на средбата, Османи и Тигањ ја реафирмирале взаемната поддршка и пријателските односи меѓу двете земји, за кои изразија уверување дека ќе продолжат позитивно да се развиваат и во иднина.