Македонија 14. октомври 2020. / 11:24

Османи негира дека има нов договор со Бугарија

Османи негира дека има нов договор со Бугарија

Околу односите со Бугарија, и мојата посета, сакам да истакнам дека нема нов Договор, туку има засилување на меѓусебната комуникација на повеќе нивоа, напиша Министерот за надворешни работи Бујар Османи на фејсбук.

Отворено разговараме за сите прашања кои произлегуваат од Договорот за пријателство; ги преземаме сите чекори за да им обезбедиме на Комисиите непречена работа, за што испративме јавна благодарност за нивниот досегашен резултат, како и охрабрување за интензивирање на нивната работа. Впрочем, Мешовитата експертска комисија веќе утре и задутре ќе одржи средба во Скопје, што ќе претставува уште еден чекор кон исполнување на обврските од договорот.
Второ, посета на Бугарија беше позитивна, затоа што се отворија сите прашања, се засили меѓусебната комуникација, но најважно, се реафирмираа заедничката желба, и заедничкиот интерес за европската перспектива на Република Северна Македонија. Тоа јавно го истакнав и јас во Софија, а го потврдија и Премиерот Бојко Борисов и Министерката за надворешни работи, Екатерина Захариева.
На крајот, дозволете да повикам на сериозност и политичка зрелост. Односите со соседите не се регулираат со пласирање секојдневно информации во јавноста, а уште помалку шпекулации или тенденциозни изјави кои имаат за цел да ја вжештат атмосферата. Европската перспектива е предизвик за целата земја, а не само на Владата, и претставува обврска за секој од нас, напиша Османи.