Не треба да не обзема апатија, песимизам, ниту некаков дефетизам. Процесот на одлучување во Унијата е сложен, со консензус, и ние на тоа мора да се навикнеме. Имам навистина голем број пријатели внатре во Унијата чии интереси за иднината на Европа се совпаѓаат со нашите. Тоа е обединета Европа, со Западниот Балкан целосно интегриран во Унијата и тие нѐ очекуваат да им се придружиме. И ние немаме алтернатива. Нашиот стратешки интерес останува ист – да донесеме повеќе Европа дома, а да ја однесеме Македонија во ЕУ.
Ова денеска го истакна шефот на дипломатијата Бујар Османи реферирајќи пред пратениците за остварувањето на надворешната политика и меѓународната положба на Македонија, на седницата на собраниската Комисија за надворешна политика.
Подвлече дека фокусот во моментов е секако на Бугарија и оти се уште најдобрата опција останува со добра волја да се интензивира спроведувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и враќање на довербата од страна на Бугарија во неговата ефикасност и имплементација.
Потсети дека и покрај тоа што имавме турбулентна и тешка година, пандемија и постојана криза, членството во НАТО беше еден од најзначајните успеси што на земјава што го одбележа почетокот на годината, а добивме и одлука за почеток на преговори со ЕУ.
– Ја дочекавме и одлуката на 27 земји-членки за почеток на преговори со Европската Унија. Гледано од денешен аспект можеби делува збунувачки фактот што Советот на ЕУ сѐ уште не може да ја усогласи содржината на преговарачката рамка, но тоа не треба да го намали значењето на одлуката од март. Таа е одлуката која ја чекавме без малку 15 години, тоа е одлуката што сме ја побарале во 2004, тоа е одлуката за која сме се стекнале со статус на земја – кандидат уште во 2005 година. Тоа е одлука за која од 2008 година нижеме препораки од страна на Европската Комисија, без разлика кој е на власт или во опозиција. Едноставно беше фер и правично што и таа конечна одлука ја дочекавме заедно, рече Османи.
Подвлече дека овие два клучни стратешки интереси веднаш влегоа во служба на нашата нова меѓународна позиција, како полноправна членка на НАТО, но и како земја – преговарач со ЕУ, која станува внатрешно, а не надворешно прашање на Унијата.
Потсети дека на почетокот на 2021 се планира одржување состанок на Меѓувладината комисија за спроведување на Договорот за добрососедство, а се предвидени и пет дополнителни средби во 2021, чија цел е да се интензивира соработката во областа на културата и образованието, економијата, екологијата како и унапредување на транспортната инфраструктура меѓу двете држави на Коридорот 8.
– Со продолжување на имплементацијата на Договорот за пријателство, преку конкретен и предвидлив Акциски план и со именувањето на Специјален претставник на Владата за Бугарија се очекува да се придонесе за дополнително динамизирање на политичките односи помеѓу двете земји и врамување на односите назад во Договорот за пријателство.
Изрази уверување дека постои волја, и тоа и кај нас, и кај нашите соседи во Бугарија и оти е потребно уште малку напор и дека повторно ќе добиеме блиски пријатели со кои ќе градиме долгорочно пријателство.
-Во првиот приоритет на надворешната политика се и останатите соседи, кои секако не треба и не се запоставени поради актуелните предизвици со Бугарија. Во оваа насока, уште на почетокот голема Владина делегација беше во посета на Атина каде беа поставени одлични односи со новата Влада предводена од премиерот Киријакос Мицотакис. Продолжуваме активно да го имплементираме Договорот за стратешко партнерство, познат како Договорот од Преспа, но паралелно работиме и на проширување на меѓусебната соработка, со посебен фокус кон економијата, инфраструктурата, енергетиката итн..
Потсети на успешниот Берлински процес, кој, како што рече, покрај фактот што се одржуваше во отежнатии рестриктивни услови, посебен политички предизвик претставуваше заедничкото претседавање со Бугарија, кое и во затегнати политички односи резултираше со исклучително успешен самит во Софија.
Како посебен дипломатски успех Османи ја посочи едногласната одлука на 56 земји учеснички на министерскиот состанок на ОБСЕ што се одржа на 3 и 4 декември во Тирана, за прифаќање на нашата кандидатура за Претседавање со организацијата во 2023 година.
-Претседавањето со ОБСЕ нуди можност за едно ново, подобро меѓународно позиционирање на Македонија, како конструктивен меѓународен актер, што пак претставува и простор за реализација на сопствените меѓународно-политички приоритети, рече Османи.