Бугарскиот меморандум повторно го попречува патот на Северна Македонија кон ЕУ. Документот содржи прашања кои се деликатни меѓу Скопје и Софија, како што е јазикот и неколку историски точки и дојде две месеци пред состанокот на Европскиот совет, по кој се предвидува да се одржи заедничката меѓувладина конференција меѓу Скопје и ЕУ.
За меморандумот, македонскиот МНР, Бујар Османи, разговарал со бугарскиот хомолог, Екатерина Захариева, на која, како што вели, и изразил жалење за содржината на документите, а како начин за да се надминат дилемите предлагал да се воведе нова динамика во комуникацијата.
И бугарската страна е подготвена за интензивирање на комуникацијата, рече шефот на македонската дипломатија, но се уште не е одреден конкретен датум кога може да се одржи состанок меѓу функционерите на двете држави. Османи вели дека исто така во текот на разговорот со Захариева е истакнато дека треба да продолжи интензивната работа на комисиите за историја, далеку од стегите на политиката.
И генералната секретарка за регионална соработка, Мајлинда Брегу, се надева дека Бугарија и понатаму ќе продолжи да не поддржи и нема да стане пречка за интеграцијата на земјите од Западен Балкан. Таа денеска се сретна со државни функционери.
И понатаму верувам дека Бугарија ќе продолжи да остане поддржувач на интеграцискиот процес на двете држави, не само поради тоа што цело време тоа го правеше, туку и поради тоа што Бугарија ги има посвежи сеќавањата и страдањето на интеграцискиот процес и тешкотиите на процесот и се надевам дека моментот на Самитот во Софија ќе биде добар момент за да и дадеме решение за проблемите и прашањата кои ги спомнавте., вели Брегу.
Токму Самитот во Софија, кој се одржува во рамките на Берлинскиот процес, е како дополнителен поттик, додадена вредност и понатамошен промотор на регионалната соработка. Северна Македонија и Бугарија се две земји кои заедно претседаваат со овој процес.