Македонија 22. јануари 2020. / 09:05

Османи и антикорупционерите на разговори за претстојните избори

Османи и антикорупционерите на разговори за претстојните избори

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи во рамките на средби со претставниците на државните институции задолжени за спроведување на изборите ќе се сретне со членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата.

– Делегација од Секретаријатот за европски прашања предводена вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, ќе остари средба со делегацијата на Државната комисија за спречување на корупцијата предводена од претседателката на Комисијата Билјана Ивановска. Оваа средба е дел од серијата институционални средби на Османи со претставници на  институциите задолжени за спроведување на изборите – се вели во соопштението од Секретаријатот за европски прашања.

Како што посочуваат од СЕП, целта на средбата е остварување на обврската за фер, слободни и компетитивни избори како дел од европската агенда на државата.

Вчера Османи имаше средба со членовите и претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Дерковски. Тие двајца од седиштето на ДИК упатија порака до сите учесници на претстојните парламентарни избори за важноста од организирање на фер, демократски и слободни избори, имајќи предвид дека земјата треба да добие датум за почеток на преговори.