Од петте министри во новиот владин состав четворица се млади кадри под 40 години сите образовани во европските држави. Садула Дураки е искусен политичар. Гледајќи го овој состав се гледа дека ДУИ прави интересен мозаик на искуство и млада енергија што испорачува резултати, изјави денеска вицепремирот за европски прашања Бујар Османи.
Прашан кои се главните адути за Садула Дураки да остане министер, Османи рече дека тој е искусен политичар кој е носител на институционалната и политичка меморија на ДУИ.
– Улогата на Дураки е да го трансформира Секретаријатот за рамковен договор во Министерство за политички систем. Имајќи предвид дека тој е дел од учесниците на подготвување на рамковниот договор нема човек кој подобро го знае духот на Охридскиот рамковен договор. – изјави Османи.
Прашан за коментар за денешните протести против ДУИ во Тетово, Османи рече дека тие покажале дека народот бара сериозна програма и сериозни луѓе.
– Протестите, ако може да ги кажеме протести, покажаа дека граѓаните не поддржуваат политика на обид за доаѓање на власт преку разоткривање на приватност на функционери и преку клевети, туку бараат сериозна програма и сериозни луѓе, со багаж на претходно исксутво и сериозни проекти кои може да ги испорачуваат. – изјави Османи.
Посочи дека протестите јасно и покажале на опозицијата кој пат е најдобро да го следи.
– Очигледно овој пат што сега се фатиле се покажа во неколку наврати дека е слеп пат и дека не ги носи до победа. Најдобро е да не следат нас и да разработат сериозна програма и проекти и да покажат сериозни кандидати и луѓе во кои народот има доверба и да ни конкурираат на тој начин. Ги уверувам дека само губат само време ако овој начин се обидуваат да дојдат на власт. – изјави Османи.