Македонија 31. јануари 2019. / 09:57

Орданоски: СЈО е на колена поради договор на СДСМ со поранешни структури на ВМРО-ДПМНЕ – не со Мицкоски

Орданоски: СЈО е на колена поради договор на СДСМ со поранешни структури на ВМРО-ДПМНЕ – не со Мицкоски

Новинарот и политички аналитичар, Сашо Орданоски, во неговата колумна за „Цивил Медиа“, насловена „СЈО на колена” пишува дека Специјалното Јавно Обвинителство паѓа поради договор помеѓу владејачката СДСМ и поранешни структури на ВМРО-ДПМНЕ, не вклучувајќи го актуелното раководство на опозиционата партија.

Според Орданоски сомнително е што Врховен суд, без дискусија, донесе одлука дека СЈО не може да покренува обвиненија и да отвора истраги по рокот од 18 месеци, од преземањето на бомбите.

– Во ниту еден висок судски орган во Македонија не може да се донесе одлука, без дискусија, во размер на гласовите 17:2, а таа претходно да не е договорена од страна на политиката. Тоа е случај и со одлуката на Врховниот суд на Република (наскоро, Северна) Македонија со која во голем дел се дезавуира работата на СЈО. И да не ве лажат скандализираните партиски и други соопштенија кои ќе следуваат. – пишува Орданоски.

Аналитичарот смета дека одлуката на Врховен е договорена меѓу премиерот Зоран Заев, лидерот на ДУИ Али Ахмети, како и поединци од ВМРО-ДПМНЕ-

– Таквата одлука на Врховен е постигната во „содејство“ меѓу Заев, Ахмети и одредени фракции и поединци во ВМРО-ДПМНЕ (не и Мицкоски) кои имаат сложени тековни односи со овдешниот обид за воспоставување правна држава. Оваа одлука на Врховниот суд е еден од последните потези во низа со кои СЈО се фрла на колена – со две третини од обвинителското портфолио кое сега ќе стане бесмислено – за да се оствари здружениот проект за амнестирање на цела една криминална структура од бившиот режим на Груевски која учествуваше во овозможувањето на процесот за зачленување на Македонија во НАТО. Ова се последните гнасни наслаги од тој процес кои сега се „цедат“ низ валканото сито на тој процес. Сосема прилега што таа работа му е оставена оперативно да ја заврши Јово Вангелов, викан „Јово превара“. – пишува Орданоски.

Целата колумна можете да ја прочитате ТУКА.