Македонија 03. август 2018. / 14:23

Општина Прилеп поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник Ристески

Општина Прилеп поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник Ристески
Локалната власт во општина Прилеп ја информираше јавноста дека преку својот правен застапник поднела кривична пријава до Основното јавно обвинителство Прилеп против поранешниот градоначалник Марјан Ристески.

Како што соопштија оттаму, пријавата е поднесена поради сомневање дека како градоначалник на Прилеп, Ристески сторил кривично дело „несовесно работење во службата“.

„Кривична пријава е поднесена и против едно правно лице, поради сомневање за сторено кривично дело ‘злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавнa набавкa или јавно-приватно партнерство’“, информираа од општината.

Имено, како градоначалник на општина Прилеп, врз основа на претходно склучен договор за закуп на недвижен имот без надоместок, Ристески му овозможил на правниот субјект, во периодот од 26 декември 2007 до денес, незаконито да располага со објектите на Друштвото за телесно воспитување „Партизан“.

„Со тоа што знаел и бил должен да знае дека правниот субјект не ги исполнува обврските согласно со потпишаниот договор и дека од денот на неговото потпишување па до денес правното лице не ги реализирало најавените инвестициски зафати, чија вредност изнесува 150 000 евра, Ристески направил повреда на законските прописи за совесно постапување при вршење на посебното овластување и должност како градоначалник на општина Прилеп“, информираа од локалната власт.

Оттаму додадоа дека поради склучениот договор за закуп без надоместок,  Ристески и’ предизвикал штета на општината во вид на изгубена добивка од закуп на објектите на ДТВ „Партизан“, во висина од 202 986 евра.

Кривична пријава е поднесена и против правниот субјект, кој како договорна страна се јавува во предметниот договор, како и против Т.Н., управител на правното лице.