Македонија 18. декември 2020. / 22:33

Опозициските партии се обединија против Царовска: Предлогот е катастрофален, се прави за политички поени

Опозициските партии се обединија против Царовска: Предлогот е катастрофален, се прави за политички поени

Идејата за интегрирано образование и нова наставна програма која ја промовираше министерката Мила Царовска треба да се ревидира, па дури и да се отфрли и да се прилагоди на македонските услови во образованието. Додека власта уверува во концептот, опозициските партии остро се спротивставуваат на идејата.

Во ВМРО-ДПМНЕ велат реформа во образованието е неопходна, но сепак, оценуваат дека идејата на Царовска е кастатрофална. Неприфатливо е бришење на предмети од наставната програма, а особено не на историјата.

Според Јаневска учениците ќе дојдат до поголемо знаење ако се направат добри анализи на состојбата, потоа се спроведат обуки на наставниците, а и повеќе да бидат мотивирани за да бидат сконцентрирани на наставата.

Од Алијансата на Албанците сметаат дека реформата се прави за ад хок и велат дека концептот не влева надеж дека ќе биде успешен.

– Ако на ова се додаде во времето кога министерот излегува со ваквиот став, имајќи го предвид политичкиот спор со нашиот сосед Бугарија, се зголемуваат сомнежите дека тоа се прави за политички цели. Ние како Алијанса сме против спојувањето на предметот Историја, туку сме за предавање на овој предмет заснован на вистински факти од меѓународни извори, велат од партијата на Села.

Концептот е скандалозен, реагираат и од Институтот за национална историја. Историчарите велат дека интегрирањето на историјата во друг предмет може да се протолкува како внатрешно институционално содејство со надворешни желби и притисоци.

– Т.н. ‘Концепт’ предвидува интегрирање на историјата со науки од сосем различен вид во миг кога македонската историја, македонскиот јазик, и македонскиот идентитет воопшто, се безмилосно нападнати и неосновано оспорени однадвор, велат од Институтот.