Во Собранието во тек е седница на Комисијата за европски прашања, на чиј дневен ред е амандманската расправа по предлог- законот за попис. Поради мерките за ковид-19 новинарски екипи не можат да ја следат работата на Комисијата.
Според информациите од Собранието, МИА објави дека Комисијата започнала по 14 часот на барање на Алијанса на Албанците и Алтернатива за да им биде овозможено тие да поднесат амандмани за законот.
Оваа опозициска партија има поднесено десетина амандмани за законот, но според координаторот на пратеничката група на Алијанса за Албанците и Алтернатива, Скендер Реџепи изјави тие ќе го поддржат законот, но сметаат дека треба да се пролонгира рокот за завршување на пописот и тој да биде на 30 април, за што имаат поднесено амандман.
Тие исто така бараат Државниот завод за статистика да не ја води оваа операција туку од страна на Владата да биде формирана службена државна пописна комисија, која ќе го надгледува пописот, бидејќи, како што кажа немаат доверба во институцијата која од девет раководни места, нема ниту еден Албанец.
Според Реџепи, овој закон не треба да се политизира.
Претходно, ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека поднеле 26 амандмaни на предлог-законот за попис.