Македонија 24. април 2019. / 09:15

Оливер Спасовски му зададе тежок удар на Пендаровски!

Оливер Спасовски му зададе тежок удар на Пендаровски!

Одлуката на судот против реисот на ИВЗ Сулејман Реџепи и упадот на полицијата во просториите на Исламската Верска Заедница, значително му ги намалуваат шансите за победа на Стево Пендаровски на претседателските избори.

пишува: Љупчо ЗЛАТЕВ

Се чини дека поделбите во СДСМ се огромни, па откако гледаме очигледен бојкот на кампањата од страна на министерот за надворешни работи Никола Димитров, синоќа за прв пат видовме директна опструкција на кандидатот на власта на наредните избори.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски со синоќешниот упад во ИВЗ одработи директно против Стево Пендаровски и СДСМ. Овие турбуленции, преку кои власта сака да си постави свој поглавар на ИВЗ (нешто невидено и во тоталитарни режими), најмалку им одат во прилог на Заев и Пендаровски кои се впрегнати во освојување на албански гласови.

Да биде ситуацијата уште поапсурдна, за нов реис на ИВЗ – без да се почитува автономијата на организацијата – судот го назначи поранешниот секретар на скопското муфтиство Скендер Бузаку. Инаку, Бузаку истава операција за преземање на ИВЗ ја започна во 2015 кога предводеше упад, кој исто така не успеа.

Се сеќавам, како поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков се фалеше дека тој е негов соработник, и дека токму тој – директорот на УБК – е човекот кој го предизвикал упадот во Исламската Верска Заедница.

Ваквите промени влетуваат директно во кампањата за изборите. На сите им е јасно дека советите на оџите имаат клучна улога во одлучувањето за кого ќе гласаат нашите сограѓани албанци. Со изјавата на Реџепи дека од синоќа власта е непријател на ИВЗ, станува јасно оти Пендаровски ќе изгуби многу албански гласови.

За крај, можеби реисот Сулејман Реџепи не е идеален како човек и има многу дамки. Но, сепак се работи за човек кој е албански националист. Треба да ви биде јасно почитувани читатели, дека со албанските националисти како народ можеме некако да се договориме и да живееме заедно. Со верски фундаменталисти нема можност за договор, таму не играат интереси и рацио туку желба за убивање. Токму затоа, актуелното лидерство на ИВЗ, со сите мани, најмногу и одговара на оваа држава.