Македонија 17. март 2020. / 12:32

Околу 180 полицајци и 65 војници го обезбедуваат кризното подрачје во Дебар и Центар Жупа

Околу 180 полицајци и 65 војници го обезбедуваат кризното подрачје во Дебар и Центар Жупа

Околу 180 полициски службеници и 65 припадници на Армијата го обезбедуваат кризното подрачје во Дебар и Центар Жупа, а полицијата во моментов обезбедува 310 граѓани кои се во изолација поради тоа што биле во контакт или во близина со луѓе болни од корона, информираше на денешната прес конференција министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев.

Полицијата ќе контролира дали лицата коишто имаат наредба за самоизолација доследно ја почитуваат мерката, рече министерот и извести дека имало 14 обиди за напуштање на кризното подрачје во Дебар и Центар Жупа без лекарска согласност, кои биле спречени од полицајците кои го обезбедуваат реонот. Согласност за напуштање на местото им е дадена на две бремени жени.

– Од страна на одделот за Специјални полициски операции, има 14 обиди за напуштање на кризното подрачје без лекарска согласност тоа е на подрачјето на општина Дебар и Центар Жупа. Извршено е обезбедување и придружба на 22 дотури на намирници на територија на кризното подрачје. Овозможено е непречен транспорт на пари до експозитурите на банките и банкоматите на кризното подрачје. Постојано се врши пренасочување на сообраќајот, пренасочени се 9 патни правци, а граѓаните редовно се информираат за состојбата на кризното подрачје. Дозволено е напуштање на кризното подрачје со лекарска согласност на две бремени жени”, изјави Чулев.

Како што кажа тој, контролите ќе се спроведуваат на лица по случаен избор, а прекршителите ќе се казнуваат по два основа:  пренесување заразна болест и непостапување според здравствени прописи за време на епидемија.

Министерот порача да се почитуваат пропишаните мерки за заштиа од Ковид – 19 и апелираше до македонските граѓани кои живеат и рабоат во странство да останат во земјите каде што престојуваат за да не заглават по патиштата, но и да се спречи ширење на коронавирусот.