Зошто преместување на УНЕСКО Регионот во Листата на светско наследство во опасност е единствениот исправен чекор, велат од Охрид СОС.
Охрид СОС со критика до надлежните. Велат дека тие се виновни за уништување на природните богатства и распродавање на истите.
Листата на светско наследство во опасност се активира кога доброто е под закана од уништување на неговата исклучителна универзална вредност.
УНЕСКО Регионот во Македонија е уништен, и потребен му е соодветен третман. Преместување на Регионот во Листа на светско наследство во опасност не значи и автоматски бришење на регионот од листата на УНЕСКО подрачја, туку напротив ќе ја алармира меѓународната заедница за опасноста со која се соочува Регионот; ќе овозможи помош од интернационални експерти, од финансиски средства поангажирано следење на процесите во Македонија од страна на меѓународната заедница преку изработување на Програма за итни корективни мерки.
-УНЕСКО Регионот во Македонија како последица од лошо, неодговорно и корумпирано управување веќе 3 децении континуирано се деградира! Иако бил меѓу првите добра впишани на УНЕСКО листата, денес се наоѓа на исто рамниште со добра во завојувани подрачја. Да ни го правеше ова друга земја, ќе го сметавме за воена провокација, но терористите во нашиот случај се домашни, седат во институциите и одлучуваат во наше име. Нема поголемо предавство од уништувањето на природните богатства во сопствената земја и нивно распродавање за никакви пари, велат Охрид СОС.
Тие очекуваат дека со овој механизам конечно да се зауздаат штетните проекти кои се промовираат како одржлив развој.