Кризниот штаб на Општина Охрид информира дека од утре пред сите поголеми маркети на територијата на општината ќе бидат поставени редари кои ќе имаат за задача да спроведуваат ред и ограничување на бројот на лица кои влегуваат во маркетите, во согласност со препораките за превенција од Ковид 19.
На состанокот беше заклучено дека се потврдени очекувањата на Кризниот штаб во однос зголемениот број на влез на жители од други општини во Охрид.
-Во текот на изминатите 24 часа, на територијата на Општина Охрид е регистриран влез на повеќе од 300 моторни возила со регистарски таблички од други општини. Од оваа бројка се исклучуваат возилата кои се од соседните општини на Општина Охрид, вели евиденцијата на членовите на Кризниот штаб.
Поради ова, побараа од Кризниот штаб, Владата да ја разгледа можноста за воведување на забрана за влез на жители од други општини во Општина Охрид и да се зголеми контролата на жителите од Општина Охрид при влез и излез од градот, непосредно пред велигденските празници.
Врз основа на оваа состојба и очекувањата дека во текот на следните два дена, оваа бројка ќе биде значително поголема, велат од Кризниот штаб и упатуваат апел до сите граѓани кои туристички престојуваат во викенд становите и куќите на територија на градот Охрид и крајбрежните населени места, да се придржуваат до сите препораки за превенција и заштита од Корона вирусот.
-Апелираме особено да се почитува Полицискиот час, забраната за групни собири и прослави, препораката за држење на соодветно растојание на јавен простор, соодветно депонирање на отпадот и носење на соодветна заштитна опрема, соопштуваат од Кризниот штаб на Охрид.