Македонија 20. септември 2019. / 22:07

Одбиените за инвалидска пензија ќе се жалат кај Царовска

Одбиените за инвалидска пензија ќе се жалат кај Царовска

Бане Најдовски од Ајватовци по петти пат ќе чукне на вратата од Комисијата за оценување на работната способност за да бара инвалидска пензија, објави Сител.

Од семејството велат дека овие денови ја собираат неопходната медицинска документација со повторни прегледи од специјалисти на 59 годишниот скопјанец на кого му е дијагностицирана васкуларна деменција, алцхајмер, прележал мозочни удари и носи пелени за возрасни. Најавија и претставка лично до министерката за труд и социјална политика, зошто Бане со неколку тешки дијагнози и влошена здравствена состојба не може да ги оствари неговите права.

До крај ќе оди и Ацо Јовановски од Скопје на кого левата страна од телото му е нефункционална веќе 6 години, но го прогласуваат за способен за работа. И додека Ацо и Бане талкаат низ институциите, нивните предмети ниту еднаш не се нашле на ревизија во Министерството за труд и социјала. Царовска најавува подобрување во оваа област, но дури за 2 години.

-Целосниот систем за ревизија на работоспособноста изминатите 10 години бил не само запоставен туку и искомплициран што мора да чукнете на 10 врати за да остварите 10 права. Со Светска банка работиме на восапоставување на систем на интегрирана проценка на работната способност, сите комисии ќе бидат под едно тело и ќе треба да има овластени вештаци, така е сегде во свет, вели Мила Царовска, министер за труд и социјална политика.

Царовска не знае дали ќе има промена на правилникот во ПИОМ според кој работат комисиите за инвалидски пензии и согласно кој сите одбиени предмети ќе треба да одат на ревизија, а не како сега само по случаен избор.

И да доаѓаат сите на ревизија тоа ќе биде дополнителна работа, но првостепениеот орган е тој кој стои позади решението и тоа се лекари вработени во ПИОМ со години. Тука капациентите мора да се зголемуваат, но поради недфостигот на лекари работат со намален капациент, вели Царовска.