Македонија 10. јуни 2020. / 09:19

Одбиен предлoгот на Комисијата за заразни болести за нов полициски час

Одбиен предлoгот на Комисијата за заразни болести за нов полициски час

Одбиен е предлогот на Комисијата за заразни болести за повторно воведување за полициски час во местата каде што има најголем број заболени. Како замена за полицискиот час, МВР и инспекторатите ќе вршат засилени контроли во подрачјата со поголем број новозаболени од корона вирус.

Министерството за внатрешни работи, Инспекцискиот совет и Финансиската полиција ќе изготват посебни акциски планови за контрола и за спречување на отстапувањето на мерките за заштита, како и санкционирање на секое непридржување до донесените мерки.

Засилени контроли и мониторинг ќе се вршат во таргетирани подрачја на градот Скопје и општините во градот Скопје, потоа во околните скопски општини Арачиново, Студеничани, Илинден, Петровец и Зелениково, како и во општините Куманово, Липково, Штип и Карбинци, Тетово и тетовските општини Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце, каде што е регистриран поголем број на новозаразени граѓани.

Согласно овој заклучок, предлогот за воведување рестриктивни мерки ќе биде повторно разгледан во Комисијата за заразни болести.

Исто така, Државниот здравствен и санитарен инспекторат во секое донесено решение за изолација ќе треба да наведе дека е задолжително инсталирање на апликацијата „СтопКорона“ заради поголема прегледност и контрола со цел превенција на ширењето на корона вирусот. Секое прекршување на одредбите од решението за изолација ќе биде санкционирано со државен карантин.

Доколку некое лице одбие да го прими решението за самоизолација, или дава лажни лични податоци и лажни податоци во врска со лицата со кои што имало контакт во изминатите денови, или не ја применува мерката строга изолација во домашни услови (домашна самоизолација), му се одредува мерката строга изолација (карантин) во времетраење од 14 дена, во објекти определени од Владата, за што МВР донесува решение, а трошоците за сместување во тие објекти се надоместуваат од страна на тоа лице – се вели во владината Уредба.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески вчера изјави дека се уште е рано да се донесе одлука за отворање на аеродормите.

Со одлука на Владата, како мерка за спречување на ширењето на корона вирусот, од 15 март на полноќ е затворен аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, а од 18 март на полноќ и Меѓународниот аеродром Скопје.