Македонија 20. јануари 2021. / 11:20

Од утре бојкот на матурантите: Не бараме да се укине матурата, туку да се полагаат два предмети

Од утре бојкот на матурантите: Не бараме да се укине матурата, туку да се полагаат два предмети

Средношколците од утре, 21 јануари најавуваат бојкот на наставата. Како што велат средношколците бојкотот на наставата ќе трае се додека Министерството за образование не ги прифати нивните барања во врска со одложувањето на државната матура.

Од Сојузот на средношколците велат дека своите барања ги доставиле до МОН уште минатата година односно на 9 декември 2020 година, но се уште немале конкретен одговор. Утрово претседателот на ССРМ, Бленди Ходаи беше гостин на Студио 10 на ТВ24. Тој вели дека првото барање било намалување на бројот на предмети кои матурантите треба да ги полагаат.

-На состанокот со министерката Царовска побаравме два предмети за полагање на државната матура, чекавме одговор дали се подготвени да соработуваат. Немавме друга опција откако видовме дека не се подготвени за соработка, па бојкотот на наставата беше неминовен. Имаме дефинирани барања кои полесно може да се прифатат. Ние одлуката ја донесовме пред 3 дена, состаноците деновиве се координативни за да имаме поефикасен бојкот на наставата, за да постигнеме образовните институции да ги прифатат нашите барања. Матурантите треба да ја бојкотираат наставата од утре. Средношколците до сега беа поделени, дел бараа целосно укинување на државната матура, а друг дел сакаат модификации на содржината за матурата. Голем број од средношколците се согласуваат со овие барања. Утре мнозинството, матурантите ќе ја бојкотираат наставата. Не сакаме да направиме протест, затоа што во време на пандемијата треба да сме одговорни. Барањата не се да се укине матурата, туку модификација по пример со образованието во Франција, намалување на бројот предмети, наместо 4 на 2 предмети, вели Бленди Ходаи, претседател на Сојузот на средношколци во Студио 10 на ТВ24.

Наспроти нивните барања од МОН соопштија дека сите подготовки за матура се веќе завршени.

-Променетиот начин на полагање би се применувал веќе од следната учебна година и ќе се прави во заеднички и конструктивен дијалог со средношколците и наставниците.Сите подготовки за матурата се веќе завршени, се вели во дописот на МОН.

Повеќе од очигледно е дека ниту на власта ниту на Царовска не им се важни барањата на средношколците и немаат слух за сето ова, а ни најмалку да се најде некое заедничко решение кој ќе биде за доброто на учениците.