Со постоечкиот изборен модел малите политички партии малку можат да сметаат на влез во парламентот. Ова го потврдуваат сите анализи од осамостојувањето на Македонија, па до денес.
Сите предизборни анкети покажуваат дека од дузината новоформирани или веќе постоечки мали партии, кои не смогнаа сили за меѓусебно коалицирање и соработка, само Левица има шанси за влез во идниот парламентарен состав. Можностите на сите останати, според анкетите, без разлика од која страна доаѓаат, се сведуваат на статистичка грешка.
Ова од една страна, а од друга, пак, токму таа статистичка грешка може многу да чини некоја од големите партии. Анализите говорат дека тоа најчесто се одвива на штета на опозицијата во дадениот изборен циклус. Зашто, елементарно политичко правило е дека за промена на секоја власт се потребни две работи. Прво, голема излезност, и второ, концентрација на гласовите на контото на опозицијата.
Веќе 30-годишното парламентарно и изборно искуство непобитно потврдува дека без цврсто изградена инфраструктура, без сериозни финансиски можности, без пристап до медиумите, целосно се маргинализираа и многу позначајни партии, со многу поголеми политички имиња и кадровски потенцијал на домашната политичка сцена. За жал, тоа е реалноста, што започна уште со распаѓањето на Сојузот за Македонија кон средината на 90-тите години.
И не е проблемот во потребата или во самото постоење на малите партии. Секоја партија го збогатува демократскиот капацитет и потенцијал на државата. Проблемот е што во изминатите години не се успеа во остварување на ветувањата и потребата за менување на изборниот модел, кој без сомнение им одговара на големите партии.
Проф. д-р Тања Каракамишева-Јовановска е децидна дека Донтовиот изборен модел, теоретски и практично повеќе ги фаворизира поголемите партии или коалиции на партии, отколку малите партии кои самостојно настапуваат на изборите.
-Овој факт не е само констатација во сите познајачни теории за изборните модели, туку и изборна реалност во 28-те европски земји што ја применуваат оваа изборна формула за пресметување на гласовите во пратенички мандати, вели Каракамишева-Јовановска.
Според неа, во Македонија, Донтовиот систем дополнително ги фаворизира поголемите партии, односно коалиции од партии и поради фактот што гласачкото тело е поделено на 6 изборни единици. Додава дека е докажано оти колку е поголем бројот на изборните единици, толку се намалува пропорционалноста при пресметувањето на гласовите во мандати во полза на големите партии, а на штета на малите партии. И обратно, со помал број на изборни единици пропорционалноста, односно шареноликоста на партиите во Собранието расте, односно помалите партии имаат поголеми шанси да бидат претставени во Собранието.
-Знаејќи го овој факт помалите партии, на почетокот на 2020 година пред да се самораспушти Собранието јавно побараа намалување на бројот на изборните единици на три, односно на една изборна единица да биде цела Македонија, бидејќи малите партии се свесни дека со 6 изборни единици во комбинација со Донтовиот систем нивните шанси за освојување мандати при самостоен настап на избори се сведени на нула, истакнува Каракамишева-Јовановска.
Сето ова Каракамишева-Јовановска го аргументира и со конкретни бројки од претходните парламентарни избори во Македонија.
На сите претходни парламентарни избори до сега, откако од 2002 година се применува Донтовиот изборен систем на пресметување гласови, во Македонија остануваат непретставени во Собранието збирно околу 100.000 гласови, претежно дадени за помалите партии. Овие гласови при пресметувањето на бројот на пратеничките мандати едноставно се губат и немаат никаква употребна вредност по изборите.
На пример, на парламентарните избори во 2011 година, помалите партии освоиле вкупно над 100.000 гласа, но сепак останале без ниту еден пратенички мандат.
ВМРО-Народна, која како нова партија што се оддели од ВМРО-ДПМНЕ, на тие избори настапи самостојно и освои над 28.000 гласа, но не успеа да освои ниту еден пратенички мандат поради неповолната распределеност, односно поради распрсканоста на нивните гласачи по сите 6 изборни единици. Понатаму, на истите избори партијата НДП освои 15.000 гласа кои исто така останаа непретставени.
Партијата Обединети за Македонија освои околу 17.000 гласа, но остана без ниту еден пратенички мандат. Слична судбина ја снајде и партијата ЛДП која со освоени 16.500 гласа остана без пратеник.
На парламентарните избори во 2014 година, партијата ВМРО-Народна повторно настапи самостојно и освои околу 17.000 гласови, но остана без мандат. Најголем изборен губитник и колатерална штета на помала партија што самостојно настапи на изборите излезе партијата на Стевче Јакимовски, ГРОМ, која на овие избори со освоени 31.600 гласа освои само еден пратеник.
-Секако, врз конечната распределба на пратеничките мандати покрај Донтовиот систем и бројот на изборните единици влијае и изборната излезност. Така, најголема изборна излезност откако почна да се применува Донтовиот систем имаме на парламентарните избори во 2002 година со излезност од 73,4%, додека најмала на парламентарните избори во 2006 година со 55,98% од вкупниот број запишани избирачи во Избирачкиот список, наведува Каракамишева-Јовановска.
Според нејзината анализа, во 2002 година во Собранието влегоа вкупно 7 партии, односно коалиции на партии, додека во 2006 година во Собранието влегоа вкупно 8 партии, односно коалиции на партии. Може да се забележи дека и со помала и со поголема излезност на гласачите распределбата на мандатите се движи помеѓу 5 и 8 партии, односно коалиции на партии во полза на поголемите, а на штета на малите партии. Така, на парламентарните избори 2011 година излезноста беше 63,48% од електоратот, а бројот на партии, односно коалиции на партии што влегоа во Собранието беше најмал, односно вкупно 5. На изборите во 2016 година, излезноста беше 66,79%, а бројот на партии кои влегоа во Собрание беше вкупно 6, што значи дека пропорционалноста на освоените мандати е секогаш и без исклучок во полза на поголемите партии.
За парламентарните избори, чиј прв ден почнува веќе утре, на гласачкото ливче ќе има 15 партии и коалиции-ДПА, Политичка партија Демократи, СДСМ и коалицијата Можеме, Левица, Алијанса на Албанците и Алтернатива, Глас за Македонија, Граѓанско демократска унија (ГДУ), Интегра, ДУИ, Социјалдемократска унија, Никогаш Северна, само Македонија-Единствена Македонија, МОРО работничка партија, Народна партија на Ромите, ВМРО-ДПМНЕ и коалиција за Обнова на Македонија и на крајот Твоја партија.
Со исклучок на големите партии (СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, Алијанса за Албанците и Алтернатива и ДПА), според анкетите, вкупниот број на гласови, што би ги освоиле малите партии, со исклучок на Левица, се движи меѓу 2 и 3%.
Оттука и неопходноста пред да се даде гласот добро да се размисли која е целта на излегувањето на секој граѓанин поединечно на изборите.