Либерално-демократската партија има донесено одлука за самостојно делување на своите пратеници Моника Зајкова и Боби Мојсоски на седница на Централниот одбор на партијата уште од месец август 2020 година, но се уште не е реализирана од објективни причини.
– Како партија донесовме одлука уште пред седум месеци за самостојно делување во македонскиот Парламент заради подобро претставување на либералните вредности и поголем простор на делување од страна на нашите пратеници. Тоа за нас претставува демократски потег и не е поврзано со дневно политички теми. Оставивме доволно простор за имплементација на оваа одлука. ЛДП како и нејзините пратеници и понатаму ќе продолжат да ја поддржуваат Владата, а тоа ќе се потврди и со гласањето на доверба на министрите Љупчо Николовски и Бојан Маричиќ, велат од Либерално-демократската партија.
Од партијата додаваат дека во следниот период одлуката ќе се реализира и ќе делуваат како и останатите либерали во парламентите низ Европа.
Радио Лидер ексклузивно објави дека пратениците на ЛДП, Моника Зајкова и Боби Мојсоски ќе ја напуштат пратеничката група на СДСМ веднаш пред седницата за интерпретација на министерот Бојан Маричиќ.
Нашиот извор вели дека веќе подолго време се планира напуштање на пратеничката група од страна на ЛДП, но не открива дали тоа би значело целосно напуштање на коалицијата со СДСМ.