Македонија 01. јули 2020. / 10:43

Од денеска отворени аеродромите во Скопје и во Охрид: Патниците да пристигнат три часа пред полетување

Од денеска отворени аеродромите во Скопје и во Охрид: Патниците да пристигнат три часа пред полетување

Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид од денеска се отворени повторно за патнички летови, по паузата од средината на март како дел од мерките за спречување на ширењето на вирусот КОВИД-19.

На двата аеродрома се применуваат нови протоколи според препораките од Комисијата за заразни болести.

Првите полетувања од скопскиот аеродром се претпладне за Бремен, Ларнака, Стокхолм и Келн, а ги реализира Виз Ер, додека првите слетувања се од Истанбул на авиокомпаниите Туркиш ерлајнс и Пегасус.

Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, пак, стартува со летови попладне за кога се предвидени полетувања и слетувања за и од Цирих и Милано.

Првите чартер летови на охридскиот аеродром ќе се реализираат на 5 јули и тоа од и до Варшава, а на 25 јули од и до Амстердам.

Поради новите протоколи за работа на патниците им се препорачува да пристигнат на аеродромот најмалку три часа пред времето за полетување, за да имаат доволно време да ги завршат  процедурите.

Од ТАВ Македонија велат дека според новите мерки  за  заштита од коронавирусот патниците задолжително треба да почитуваат  три правила – постојано да носат заштитна маска, постојано да одржуваат безбедно растојание и високо ниво на лична хигиена.

Според протоколите, забрането е патниците да седат еден до друг во аеродромските чекалници, зоните за заминувањa (Departures), пристигнувањa (Arrivals) и излез (Gates) и затоа на тие места седиштата се специјално обележани за да се одржи безбедното физичко растојание.