Од денеска во 16 часот, почнува заострената забрана за движење на населението во цела Македонија која ќе трае до понеделник во пет часот. Со тоа Македонија ќе биде ставена во 61-часовен карантин за сите граѓани на територија на целата држава.
Од забраната изземени се полицијата, армијата, здравствените работници, а исто така не важи и за маркетите и рестораните кои се доставувачи на производи. Аптеките ќе работат непречено.
Исклучоците важат за вработените лица во МВР, припадниците на Агенцијата за национална безбедност, Министерството за здравство, Министерството за одбрана, противпожарните територијални единици, Царинската управа, земјоделските лица и фармери кои работат и се движат во атарот на руралните средини и оние кои одгледуваат раноградинарски култури и имаат неодложни активности за одгледување на истите во овој период, млеко производителите, како и другите лица и институиции опфатени во исклучоците за овие мерки и забрани.
Маркетите и викендов треба да го прилагодат своето работно време согласно забраните за движење на територијата на државата и непречено да го организираат работниот процес. Штабовите треба да го организираат движењето на лицата волонтери што ќе ги доставуваат најнеопходните намирници до домовите на граѓаните.
Економските оператори, маркетите и рестораните ќе добијат насока како да го организираат работниот процес кога ќе се отстранат рестриктивните мерки и кога целокупниот процес ќе почне да се враќа во нормала.