Вчерашното соопштение на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција претставува отворено признание дека по објавувањето на видео и аудио снимките за поранешниот директор на Фондот за здравство, Ден Дончев, се стави во функција на одбрана на власта, наместо на Законот.
Неговата изјава дека нема да постапува по нецелосни снимки и претпоставки и препораката снимките да се доставуваат до институциите за да постапуваат-МВР, Управата за финансиска полиција или обвинителството е најблаго речено спорна од неколку причини. Дотолку повеќе што со тоа на отворена врата ги воведува двојните стандарди во своето делување, сосема спротивни од препораките и извештаите на сите меѓународни организации и институции.
Основната порака од објавените видео и аудио снимки поврзани со Ден Дончев е дека постојат основани индиции за сторен криминал и корупција. Тоа што Обвинителството, пак, бара целосни снимки, го поставува основното прашање дали тоа чека некој друг да ја сработи неговата работа, па дури потоа, наводно, да се активира со отворање соодветен предмет. Ако е така, тогаш зошто воопшто би постоело обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Целиот предмет „Рекет“ се темелеше на снимки од кои не можеа да се видат многу работи. На пример, основната-каде завршија 1,5 милиони евра, што наводно бизнисменот Орце Камчев и неговата сопруга Ана му ги дале на Бојан Јовановски-Боки 13. И тие снимки беа веродостојни за Обвинителството, а овие за Дончев не се!
Снимените разговори од нецелосно вештачениот телефонот на Боки-13, според логиката на Ден Дончев, би биле приватни. Зашто, Боки-13 никогаш не вршел јавна функција. За Обвинителството, пак, таа логика во аферата „Рекет“ не важи и тие влегоа како докази во доказната постапка.
Во снимките, што Ден Дончев ги квалификува како приватни, а за кои Обвинителството не сака да вложи никаков труд, да ги прифати како индиции и да отвори соодветен предмет, покрај зимањето пари, одлучувачка е трговијата со влијание. Но, Обвинителството не сака ни тоа да го чепне.
Главното оправдување на Дончев е дека снимките биле стари. Но, дали не беа застарени, на пример, предметите поврзани со случајот „Империја“, што Обвинителството го презема од бившото СЈО и најави дека продолжува да делува по него. Таму има и по 20 години стари случаи, но тој факт не е доволен за да се спречи разработката на случајот.
За случајот „Диамед“, односно „Дијаверум“, Обвинителството води два предмета. Едниот е стар вече три години, а другиот повеќе од една година. Тоа што Дончев го претставува како криминал, Обвинителството веќе три години не може или не сака да го потврди или отфрли. И тоа неминовно се одразува на правната сигурност. Зашто, ако некому му забрануваш и му држиш заробени 11 милиони евра ни малку не е наивно, ниту за потценување. И што, впрочем, претставува стара снимка? Која е границата или која е временската дистанца, што одредува дека таа е стара. Една, две, три, пет, шест години…или повеќе од тоа?
И ова поигрување со приватниот капитал на поединци ги манифестира двојните стандарди на Обвинителството. Зошто приватноста на Дончев и приватното зимање пари е почисто од приватниот капитал, приватноста и зимањето пари од продажбата на Диамед!?
Магистерот по безбедносни науки Љубомир Ѓурчевски во емисијата „Што не е јасно“ на Алфа Телевизија, меѓу другото, изјави дека Јавното обвинителство треба да си ја поправи грешката и да отвори истрага и оти тоа е во интерес на јавноста и на странките да се докаже вистината.
-Доколку постојат основани сомненија и тие се потврдат со докази тогаш ќе следи обвинителен акт, па судот ќе оцени дали тие докази го потврдуваат кривичното дело, или не. Од без проблем сега создаваат проблем, каде јавноста ја вмешува политиката и кажува дека обвинителството е исполитизирано и се става во услуга на заштита на политички личности и се потврдува тезата дека неказнивоста е на големо ниво каде политичките елити никако да се судрат со правдата, заклучи Ѓурчевски.