Јавното обвинителство денеска поднесе обвинение против две лица за убиството на Никола Саздовски. Против третото лице не е поднесено обвинение, најверојатно поради тоа што, како што се шпекулира во јавноста, е блиско до Артан Груби од ДУИ.
Основното јавно обвинителство Скопје денеска поднесе Обвинителен акт со предлог за продолжување на мерката Притвор против две лица за сторено кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик. На обвинетите им се става на товар дека заеднички и на свиреп начин го убиле Никола Саздовски.
Обвинетите на 29 јуни 2018 година околу 17.45 часот на Бул. Александар Македонски во Скопје, на автобуската постојка пред фабриката Алкалоид, му пристапиле на Саздо и му побарале лична карта. Откако тој им ја покажал личната карта, обвинетите започнале да го удираат со боксови во пределот на главата и градите. Од силните удари Саздо загубил рамнотежа, паднал на тротоарот, по што обвинетите без милост, истовремено и со силни удари продолжиле со клоци да го удираат по главата и градите. Од ударите младото момче се здобило со тешки телесни повреди и паднал во кома.
Тој бил пренесен во ургентниот центар при Клиничкиот центар Мајка Тереза. Истиот ден бил пренесен во Јавната здравствена установа Универзитетска клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и ургентен центар – Скопје, Одделение за анестезија и реанимација, каде на 3 јули 2018 година била констатирана мозочна смрт. Како резултат на здобиените повреди на 9 јули 2018 година Саздо починал.
Истовремено со поднесување на обвинителниот акт, надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје предложи против двете обвинети лица да биде продолжена мерката притвор согласно член 165 став 1 точка 1 и 2 од Законот за кривична постапка, бидејќи ценеше дека постои опасност од бегство и постои оправдан страв дека во текот на кривичната постапка обвинетите ќе влијаат на сведоците.
Поднесувањето на обвинителниот акт следи по спроведена истражна постапка против двајцата обвинети за кривичното дело за кое што се обвинуваат. Во текот на истражната постапка обвинетите беа испитани и дадоа своја одбрана пред надлежен јавен обвинител. Согласно член 302 од Законот за кривична постапка пред завршување на истражната постапка писмено беа известени обвинетите и нивните бранители за да извршат увид во обезбедените докази. При вршење на увидот тие не предложија прибавување на други докази во текот на истражната постапка.
Против третото осомничено лице, за кое обвинителството исто така водеше истражна постапка за истото кривично дело како соизвршител заедно со двајцата сега обвинети, согласно член 300 од Законот за кривична постапка, надлежниот јавен обвинител донесе Наредба со која ја прекина истражната постапка. Имено, со оглед на тоа што трето осомничениот се уште е недостапен на државните органи, за ова лице за кое е распишана домашна и меѓународна потерница, истражната постапка ќе продолжи во моментот кога ќе биде достапно на државните органи.
За третиот осомничен јавноста се сомнева дека е ослободен поради тоа што е близок со Артан Груби.
Генералот Стојанче Ангелов тогаш ги повика државните институции да го решат итно случајот.
„МВР ги пронајде убијците, двајца од нив веќе се во притвор, по третиот се трага и прашање на час е кога ќе заврши во притвор. Јавното обвинителство да обезбеди докази за преквалификување на делото во квалифицирано убиство, а судот да ги осуди убијците со најстрога казна. За никогаш повеќе да не ни се повтори. За никогаш повеќе ниту една мајка и ниту еден татко да не остане без своето чедо на ваков суров начин поради ваков нечовечен мотив.На социјалните мрежи врие. Врие од тага, врие од бес, врие од омраза, врие од повици за одмазда. Но, да не заборавиме дека омразата раѓа нова омраза. Омразата се храни со омраза. Во овие тешки и болни моменти, кога безмалку целата држава тагува по Саздо, многу е важно да разграничиме дека Саздо не го убија Албанците. Саздо го убија злосторниците Б.Б., Ј.Љ. и С.Д. Три свирепи, злобни и сурови лица до смрт го претепаа Саздо”, напиша тогаш Ангелов.