Не бегав од новинарите, тоа беше целосно недоразбирање, рече министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини во вчерашното интервју за „360 степени“ на „Алсат“.
-Можеби не застанав да одговорам кога ме прашуваа за загадувањето, јас искрено се извинувам, дојдов да придонесам, не да бегам. Можеби станува збор за културолошки разлики, но разбирам дека луѓето се заинтересирани за тоа што се случува. Ако е желбата, ќе излегувам во јавност, но сакам да го сторам тоа кога ќе има вистински резултати. Најголем проблем имав да се прилагодам на јавната администрација, не ми требаше време да се прилагодам на културата, рече Нуредини.
Тој со новинарот Васко Попетрески зборуваше на англиски јазик, а вели дека иако албанскиот му е мајчин јазик, не го зборува толку течно како што сака.
-Го разбирам македонскиот јазик, го учам интензивно, се надевам дека наскоро ќе можам да го зборувам течно. На почеток ми беше предизвик да ги читам документите, имам добар тим околу мене кој ми помага, рече тој.
Министерот додаде и дека му е мило што луѓето го знаат неговото семејство.
-Моето семејство е многу отворено. Мислам дека луѓето бидејќи го знаат мојот татко, имаат и импресии за тоа кој сум, рече министерот.