Поради високата стапка на новозаболени од Ковид-19, Комисијата за заразни болести вчера донесе нови предлог-мерки со кои се забранува организирање на настани, се скратува работното време на сите економски субјекти до 23 часот, и до 50 отсто да е исполнет капацитетот во јавниот превоз.
Надлежните уверуваат дека постојат механизми за справување со вирусот, но во никој случај нема да се носат одлуки кои ќе и наштетат на економијата.
За воведување на полициски час засега не се размислува, но во идниот период сите мерки стојат на располагање.
Министерот за здравство, Венко Филипче вчера изјави дека очекува новите предлог-мерки да ги разгледува Владата во понеделник, а за претходните предлог-мерки пак, потребни се одредени законски измени.
–Согласно важечките уредби со законска сила, потребно е да се направат законски измени за претходните мерки. Законот е веќе во собраниска процедура и очекуваат следната недела да се изгласаат претходните предложени мерки како задолжително носење маски на отворено, забрана за групирање по 22:00 часот и забраната за домашни посети, изјави Филипче, со цел како што додаде, инспекторите и МВР да можат да постапуваат во однос на контрола и преземање санкции.
Сепак во моментов не се размислува за воведување на полициски час. Епидемиолошки пак, постои таа идеја, доколку сите други можности бидат исцрпени.
– Анализата на епидемиолошките податоци во последниве три дена кога имаме драстично зголемен број на позитивни лица укажува дека одредени настани кои што се случиле во нашето секојдневно опкружување се главниот промотор на поголем број на случаи, тоа значи настаните, тоа значи концертите, тоа значи забавите, се она што го видовме на телевизија, групирањето и непочитувањето на мерките или непочитување во таа смисла што никој не носеше маска, образложи претседателот на Комисијата за заразни болести.
Караџовски појасни дека станува збор за типичен есенски бран на Ковид-19 предвиден уште пред неколку месеци, и испрати апел до јавноста строго да се почитуваат мерките со цел да се спречи ширење на епидемијата.
Надлежните уверуваат дека постојат механизми за справување со вирусот и дека нема да се носат одлуки кои ќе и наштетат на економијата.
Премиерот Зоран Заев вчера посочи дека сите сугестии од Комисијата за заразни болести ќе ги почитува, уверувајќи дека Владата има можност и да прогласи кризна состојба согласно законот. Членовите на Комисијата според него, се стручни луѓе и верува дека со законските измени мерките ќе се воведат и истите ќе се почитуваат.