Македонија 28. декември 2018. / 18:07

Нов закон за медиуми: Повеќе турски серии и српски турбофолк, помалку македонска програма

Нов закон за медиуми: Повеќе турски серии и српски турбофолк, помалку македонска програма

По тригодишна јавна дебата, организирани работни состаноци, соочување различни мислења и бесконечна комисиска расправа, Собранието го измени Законот за медиумите. Предлагачот, Министерството за информатичко општество, е уверено дека е постигнат баланс меѓу разните политики и мислења, пренесе Телма.

Законот му овозможува на операторот да реемитува програмски сервиси на радиодифузери од други држави врз основа на регулирани авторски и сродни права, но доколку се поднесе пријава во Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги, операторот и радиодифузерот треба да потврдат дека ги имаат уредено телевизиските права за странскиот радиодифузер кој планира да го реемитува на целиот програмски сервис за територијата на Република Македонија. Доколку правата не се регулирани, одговорноста паѓа на операторот и на радиодифузерот. Новина е и што начинот на регистрација на законскиот застапник на радиодифузер од друга држава ја пропишува Советот на Агенцијата за медиумски услуги со подзаконски акт.

За телевизиските медиуми, овој закон значи ослободување од обврската за емитување народна и забавна музика, како и од производство на документарна и играна програма, а обврската за сопствена продукција паѓа од 50 на 30 одсто дневно. Законското решение добило позитивна оценка од Европската комисија и од ОБСЕ.

Според овие измени се отвора повеќе простор во медиумите за емитување на турски серии, кои се странска продукција и реемитување на програмски сервиси. Освен тоа, медиумите се ослободуваат од обврската за емитување на македонска народна и забавна музика, што значи дека српскиот турбофолк, како една од најпопуларните музики ќе биде се помасовно застепен.