Градоначалникот на општина Дебрца Зоран Ногачески ја демантираше објавата на Лидер дека заедно со уште едно лице претепал фудбалски судија на натпреварот во село Волино.
Ногачески на својот Фејсбук профил напиша дека на натпреварот не истепал никого и објасна што се случувало.
Градоначалникот побарал од судијата да суди фер, но тој тоа не го направил. Како што тврди Ногачески, тој имал само вербална расправија со судијата, но сепак била поднесена пријава за физичко насилство против него и против уште едно лице.
Градоначалникот Ногачески никого ниту претепал, ниту натепал
Во врска со објавените дезинформации на повеќе интернет портали дека сум “претепал или натепал” фудбалски судија на фудбалскиот натпревар одигран во село Волино сакам истото да го демантирам , бидејќи претставува лага, желба за сензационализам и да ја информирам пошироката јавност за тоа што вистински се случуваше на неделниот натпревар.
Во неделата во Волино се играше натпревар од Третата лига Југозапад помеѓу екипите на ФК Сатеска Волино и ГФК Охрид Лихнидос. На натпреварот бев присутен како човек кој со години го води Фудбалскиот клуб Сатеска и обезбедува финансиски средства за негово натпреварување.
Сомнежите во тоа дека натпреварот ќе се одигра спортски кај нас се појавија уште со самото делегирање на судиската тројка и делегатот, сите блиски до ГФК Охрид Лихнидос, а со цел гостите, поради нивната амбиција за влез во повисок ранг, по секоја цена го добијат натпреварот. Пред почетокот на натпреварот од главниот судија побарав коректно и фер да го води натпреварот.
Сепак, тоа не беше така и истиот судеше по нарачка на тие што го делегирале. И покрај тоа во првото полувреме Сатеска водеше со резултат 1-0. Судијата непотребно го продолжи првото полувреме цели 7 минути, а ни поништи и регуларен втор гол и целото полувреме го судеше тенденциозно на наша штета.
На полувремето имав вербална расправија со главниот судија и побарав натпреварот да го отсуди коректно. Повторувам имав само вербална расправија.
Мојата вербална расправија беше надвор од соблекувалната и можеа сите да ја видат.
И тоа беше се. Натпреварот продолжи со второто полувреме и заврши нерешено 1-1. Ако судијата бил претепан, како тогаш се одигра второто полувреме и како тој безбедно си замина од Волино.
И зошто натпреварот не беше прекинат!?
Не беше прекинат затоа што немаше никаков основ за тоа.
Освен тоа, на полувремето нашата екипа имаше водство од 1-0, што значи резултат во наш прилог.
Истово може да го потврдат сите присутни на теренот, а пред се полициските службеници.
По натпреварот судијата поднел пријава против мене и против уште едно лице, со кое бил во соблекувалната со обвинение дека бил нападнат и истата, водени од сензационализам порталите ја пренесуваат без да ја проверат нејзината точност. Со ова изгледа само сакаше да се оправда кај нарачателите на неговото некоректно судење и од кои му зависи неговата понатамошна судиска кариера.
Од тие причини и јас барам полицијата да го расветли случајот, а посебно да се прибере мислењето на присутните полициски службеници, тие да посведочат за тоа колку бил “натепан” судијата на неделниот натпревар во село Волино.
Освен тоа, натпреварот се снимаше па нека се види како “претепаниот”судија го судеше второто полувреме и натпреварот до крај.Нека се “видат” лузните од неговото “претепување” или ќе се видат лузните од неговиот нечист образ.
А јас и понатаму со сета сила, енергија и љубов ќе го помагам и ќе бидам со мојот клуб, ФК Сатеска и ќе се борам против сите неправди кои подолго време му се нанесуваат. И да секогаш ќе бидам темпераментен кога се работи за мојот фк сатеска – пишува Ногачески на Фејсбук.
Инаку вчера од МВР го потврдија случајот и велат дека работат на негово расветлување.
–На 28 октомври оваа година, во 14 часот и 25 минути, во СВР Охрид било пријавено дека на фудбаското игралиште во село Волино, општина Дебарца, за време на фудбалскиот натпревар помеѓу фудбалските клубови „Сатеска“ од селото Волино и „Охрид Лихнидос“ од Охрид, З.Н.(52) и С.Б.(36), двајцата од село Волино, физички го нападнале главниот судија на натпреварот. – стои во полицискиот билтен.
Ногачески дојде на функција на последните локални избори од редовите на владејачката СДСМ.