Премиерот Зоран Заев во предизборната кампања во 2016 година велеше:
„Ќе го вратиме тенкот, Мерцедесот на Груевски од 600.000 евра и со парите од неговата сегашна вредност ќе набавиме амбулантни возила за клиниките во Македонија. Нека биде ова симбол на новото време во кое ставаме крај на расипничкото трошење и воведуваме социјални политики, согласно потребите на граѓаните“
Мерцедесот не се продаде, се сервисираше за 30.000 евра, амбулантни возила нема.
Претседателот на словенечкиот парламент Дејан Жидан при неговата посета на Македонија се возеше со мерцедесот вреден 600 илјади евра набавен од страна на претходната влада за која експремиерот и бивш лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, како и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска се осудени на затворска казна.
Високите странски гости како, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, канцеларот на Австрија, Себастијан Курц, и германската канцеларка Ангела Меркел исто така се возеа во „мерцедесот“ набавен од страна на претходната влада.
Иако табличките на мерцедесот се променети СК-2936-АЦ во СК-4047-АП, сепак се работи за истото возило „мерцедес ЕС 600 Гард“, бидејќи тоа е единственото возило во земјата кое ги задоволува високите стандарди за безбедност на гостите од висок ранг. Очигледно дека возилото е во одлична состојба и не е уништено и гребено од мачки, како што тврдеа премиерот Зоран Заев и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, штом сега се користи за делегацијата предводена од канцеларката Ангела Меркел.
Јавноста е сведок дека возило се користи за намената за која е купено, односно со него да се превезуваат делегации на странски земји и странски високи функционери, како и за други намени кога тоа го пропишуваат строгите протоколарни и безбедносни стандарди.