Македонија 17. јануари 2019. / 10:15

Ниту еден претставник од СДСМ не е поканет на Молитвен појадок кај Трамп: Покани само за Николоски, Ѓорчев и Османи

Ниту еден претставник од СДСМ не е поканет на Молитвен појадок кај Трамп: Покани само за Николоски, Ѓорчев и Османи

Ниту еден претставник од СДСМ не доби посебна покана за Молитвен појадок, кој традиционално го организира претседателот на САД.

Оваа година вицепремиерот Бујар Османи, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски и пратеникот Влатко Ѓорчев ќе присуствуваат на традиционалниот Молитвен појадок во Вашингтон, дознава „Независен весник“.

Настанот ќе се одржи на 7 февруари, а се очекува гостите да се заложат за соработка, пријателство и благосостојба, како и да разменат мислења за глобалните случувања и предизвици со кои што се соочуваат современите општества.

Молитвениот појадок се одржува секој прв четврток во февруари уште од 1953 година. Зачетник на случувањето е Абрахам Вереида, методист од норвешко потекло. На појадокот во хотелот „Хилтон“ во Вашингтон присуствуваат околу 3.500 гости, при што главно станува збор за истакнати личности, претседатели, премиери, политичари, бизнисмени, верски лидери, студенти…

Појадокот е можност за средби со конгресмени и влијателни личности во американското општество што гостите од Македонија редовно ја користат. Деновиве ќе се знае агендата на Османи, Ѓорчев и на Николоски.

Минатата година на гости кај Доналд Трамп беа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, генералниот секретар на СДСМ, Александар Кирацоски, и Артан Груби од ДУИ.

Целта на собирот е поврзување на политичките, општествените и бизнис-елитите. Уште од Двајт Ајзенхауер, секој претседател на САД учествуваше на настанот. Традиционално, на собирот се обраќаат двајца говорници. Еден од нив е првиот човек на САД, а името на вториот говорник вообичаено се чува како изненадување.

Работа на престиж е да се добие покана, во што не учествуваат амбасадите на САД, туку поканите директно пристигнуваат од Вашингтон. Интересно, косовскиот премиер Рамуш Харадинај годинава доби повик да дојде на појадокот, но американските власти одбија да му дадат виза поради проблемот што Косово го прави со таксите за производите од Србија и од БиХ.

„Во ред, нема да одам“, кусо прокоментирал Харадинај.