Македонија 26. септември 2019. / 16:57

Ниту адвокатите на Јанева не добиле увид во исказот на Кичеец

Ниту адвокатите на Јанева не добиле увид во исказот на Кичеец

Адвокатите на Катица Јанева денеска почнале со увид во доказите кои ги поседува Обвинителството з агонење организиран криминал против неа во случајот „Рекет“, но ќе продолжат евентулано утре, а најверојатно в понеделник. Увид во доказите правела и лично Јанева, но како што изјавија адвокатите поради куќниот ред на затворот, таа морала да се врати во Шутка, а адвокатите со нејзина согласност продолжиле.

Меѓу доказите кои денеска ги виделе биле и исказите на обвинителите од СЈО Лиле Стефанова и Бурим Рустеми, но не и на второосомничениот во „Рекет“ Зоран Милевски, како што беше случај и вчера при увидот во доказите од страна на адвокатите на првоосомничениот Бојан Јовановски.

Како што рекоа адвокатите на Јанева, за тоа немало образложение, односно обвинителката сметала дека тоа не е нејзина обврска.

Адвокатите на Јанева сметаат дека според праксата на Стразбур сите искази треба да им се дадат на увид. Денеска не стасале да направат увид ниту во ПИ-мерките што биле употребени за Јанева.

Најавија дека ќе продолжат со увидот и следната недела и евентуално ќе поднесат нивни докази.

Надлежниот обвинител од ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска, на почетокот на неделата, по севкупната анализа на прибраните материјални и вербални докази информираше дека е завршена истражната постапка за „Рекет“ и дека тече рокот од 15 дена за увид во доказите за првоосомничените лица и правото на одбраната да предлага докази во корист на осомничените.