Македонија 09. јануари 2021. / 11:18

Ништо од јавна расправа за образовните реформи, ќе се земат предвид само писмено доставени забелешки

Ништо од јавна расправа за образовните реформи, ќе се земат предвид само писмено доставени забелешки

Според анализа на одговор од Министерството за образование за реформата во образованието објавена на ТВ Телма, јавна дебата за реформата во основното образование нема да има.

И покрај официјалните ставови на сите релевантни институции според кои најавената концепција не е добра, а дека реформа треба да има, министерката Царовска по секоја цена без да ги слуша критичарите продолжува со планот за реформа.

Според одговорот од МОН, Царовска и нејзиниот тим ќе ги земат предвид само оние писмено доставени забелешки до 20 јануари кои ќе бидат во насока на подобрување на веќе најавената реформа. Тоа значи само забелешките на оние кои ја поддржуваат, а другите не.

Од МОН велат дека ги зеле предвидените забелешки од странски организации и институции. Останатите ако сакаат да учествуваат во реформата ќе мора да се откажат од своите забелешки и да ги прифатат тезите на Царовска ако сакат да бидат слушнати во процесот.

Целата информација на Телма

Во соопштение до ТВ Телма, од МОН демантираат дека нема да има јавна расправа. Велат дека Јавната дебата за новата Концепција за основно образование е во тек од средината на декември и ќе продолжи да тече во наредниот период.

-Во дебатата за концепцијата од самиот почеток се вклучени раководството на СОНК и регионалните претставништва на СОНК и меѓународни организации и институции како УНИЦЕФ, Светска банка, УСАИД, Британска и Швајцарска амбасада и Делегацијата на ЕУ. Сите изразија поддршка, затоа што реформите треба да резултираат со квалитетно основно образование, стои во демантот.

Додаваат и дека одржана е и онлајн конференција со професори, наставници, претставници на ликовната, музичката и драмската дејност. Реализирани се средби и дебати со Студентското собрание и професори на ПМФ.

Концепцијата е објавена на веб страницата на МОН https://mon.gov.mk/content/?id=3608 .

Секој може да достави свои забелешки, коментари и предлози до 20ти овој месец, се вели во соопштението на МОН.