Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски во интервју за МИА вели дека листата на пратеници за предвремените парламентарни избори ќе биде составена од страна на работна група во која ќе бидат вклучени инадворешни експерти, а конечната одлука за тоа кој од партијата ќе биде на листата, ќе биде донесена на конгрес.
Тој истакна дека веќе се почнати постапките за избор на кандидати за пратеници, напоменувајќи дека имањата на кандидатите ќе стигнуваат од базата, од месните и општинските одбори, од Извршниот одбор и Градската организација, но постои и можност и за самокандидирање.
– Ние постојано ја отвораме партијата за нови, свежи и квалитетни кадри, идеи и проекти, така е и овој пат, можеби најмногу до сега. Низ транспарентна, инкулузивна и професионална постапка ќе дојдеме до најдобрите кандидати кои ќе се најдат на пратеничките листи. Со тие наши кандидати ќе победиме на овие избори и Парламентот ќе го унапредиме уште повеќе да биде дом на сите граѓани, дом во кој се носат прогресивни одлуки за доброто на народот, дом кој ја влече земјата напред. Ако можевме да ја отвориме Владата да биде најтранспарентна во регионот, ако можевме да ги надминеме етничките проблеми преку концептот едно општество, сигурни сме дека можеме да обезбедиме одговорен парламент, а со тоа и способна држава, вели Николовски во интервју за МИА.
Истовремено, додава генералниот секретар на партијата, на листите ќе излезат со целосна родова еднаквост односно по принципот 50-50 мажи и жени, а вели и дека ќе продолжат со веќе воспоставената пракса од 30 отсто млади на листите.