Македонија 20. октомври 2019. / 15:20

Николовски: Ако Заев не се премисли, тогаш да се договориме технички за изборите

Николовски: Ако Заев не се премисли, тогаш да се договориме технички за изборите

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, во пресрет на денешната лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски, рече дека како партија очекуваат и сакаат да разговараат за предвремените парламентарни избори.

Николовски од Автокоманда каде денеска ги одржа редовните активности кои што ги има ВМРО-ДПМНЕ за обнова на Македонија порача дека „изборите мора да се случат. Бегање од нив нема“.

– Зоран Заев до пред неколку дена бегаше. После фијаското кое што му се случи и силниот притисок којшто ние го направивме вчера се согласи на предвремени парламентарни избори. Ако до денес не се премисли, тогаш да се договориме технички за истите. Ако се премисли ќе направиме силен притисок за предвремени парламентарни избори да се случат, изјави Николоски.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ во однос на очекувањата рече дека Македонија има изборен законик и има Устав и дека треба двата да се испочитуваат и да се оди на чисти, фер и демократски избори.

Според Николоски тоа што вчера го соопшти премиерот, барањето за брзи избори, значи признавање на тоа што сите го знаеле, како што рече, дека Заев е готов, дека е историја, дека е минато и дека останува на најцрните страници на македонската историја.

– Со него е завршено. А, сега треба да видиме и да се обединиме за обнова на Македонија, затоа што граѓаните заслужуваат прво да им го вратиме достоинството, потоа економски да ја обновиме, и да живеат поубаво и посперитетно тука во Македонија, рече Николоски.

Во однос на датум за избори, Николоски рече дека би било претенциозно да говори за тоа бидејќи е нешто што, како што рече, претспоставува дека ќе се договара попладне на лидерската средба, додавајќи дека треба да се испочитуваат Уставот и законите во Македонија и да се оди на чисти, фер и демократски избори.