Зоран Заев работи на сценарио за одложување на изборите, затоа што се плаши од избори и се плаши од соочување со народот, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски на прес-конференција одржана во седиштето на партијата.
Според Николовски, Заев знае дека изборите за него значат крај на политичката кариера, а потоа следи одговорност.
– Зоран Заев знае дека сето ова негово владеење, кое е препознатливо по виткање на кичмата, рекет, изнуди, уцени, трговија со националните интереси, тепање на граѓаните и праќање на рекетери, народот не го одобрува. Затоа Зоран Заев не сака соочување со народот, сака да одбегне пораз и да одложи соочување со одговорноста од неговото работење, изјави Николовски.
Според него, на Заев очајно му е потребно алиби за одложување на изборите. Првото алиби, вели Николовски, му беше ратификувањето на протоколот за НАТО, кое не му успеа, затоа што таквото алиби му беше лесно разобличено од ВМРО-ДПМНЕ. Следното алиби е поднесувањето на повеќе стотици закони на неколку недели пред распуштање на Собранието, повеќето од нив со скандалозна содржина и штетни за граѓаните.
– Таму има закон за промена на изборнио модел за кој нема политички консензус, потоа има закон за армијата каде ние велиме ќе го прифатиме, освен промена на името на армијата што претставува обезличување на столбот на Македонија, вели Николовски и додаде дека со ова премиерот Заев има за цел да се создаде криза во државата, со цел да се одложат изборите.
Што работеше Заев и неговите овие три години? Зошто законите не се донесени во овие три години туку насилно се туркаат еден месец пред распуштање на Собранието и зошто бараат поддршка од ВМРО-ДПМНЕ, ако имаат мнозинство, праша Николовски и обвини дека ваквото сценарио на Заев е надополнето со партизација на полицијата, масовни вработувања на партиски кадри во здравството, незаконска и криминална систематизација во МВР.
– ВМРО-ДПМНЕ нема да ја прифати коцкарската игра на Заев, затоа ајде на избори за доброто на Македонија, порача Николоски.