Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски пред почетокот на празничниот протест на партијата во изјава за Сител рече дека неслучајно го избрале 23 Октомври како ден на којшто ќе направат еден голем протест против сите неправди кои се случуваат во Македонија и за сите национални понижувања со коишто се соочува Македонија.
„Симболично ќе се упатиме кон центарот на Скопје, кон македонското Собрание, каде што живее македонската демократија и оттаму ќе тргнеме кон градот Штип, затоа што основите на ВМРО се во Солун и во Штип. Знаеме дека таму учителствувал Гоце Делчев, исто така и Даме Груев и останати видни водачи на ВМРО. Од таму се исто така и Тодор Александров и останати водачи на ВМРО такашто таа симболика сакаме да ја постигнеме денес“, рече Николоски.
Тој додаде дека истите маки со коишто се соочувал македонскиот народ и македонската држава во годините на основањето на Внатрешната македонско револуционерна организација се соочува и денес.
„Македонскиот народ е под притисок од недемократски сили, Македонскиот народ е под закана за уништување на македонското национално достоинство. Силно се бори и ќе успее да се избори во таа битка“, изјави Николоски.
Тој појасни дека протестот е организиран со автомобили затоа што поради алармантната состојба во земјата со Ковид-19 најважно е здравјето на сите граѓани што ќе им се придружат.
Николоски додаде дека сите граѓани коишто живеат во Македонија – Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи и останати заслужуваат Македонија конечно да почне преговори за членство во ЕУ.
Направи многу овој народ и оваа држава за Македонија да почне преговори со Европската Унија. Во исто време она што е зачајно е дека мора да се зачува Македонското национално достоинство, затоа што суштината на ЕУ е зачувување на националните посебности и достоинство на сите земји членки. Во таа насока ние сметаме е дека основно да си го зачуваме македонското национално достоинство а во исто време Македонија заслужува, мора да почне, јас сум убеден ќе почне преговори за членство во ЕУ и ќе биде достојна членка на Европската Унија“, подвлече Николоски.