Во рамки на работната посета на Вашингтон САД, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски остварил работни средби со Шери Брајан, потпретседател на Националниот Демократски Институт (NDI) и со Лук Кофи, директор за меѓународни политики на Херитиџ Фондацијата.
– На средбата со Шери Брајан од Националниот Демократски Институт се осврнав на соработката која ВМРО-ДПМНЕ и НДИ ја имаат изминатиов период. Преку локалната канцеларија на НДИ во Македонија се одржаа неколку обуки на партиски функционери и постојано се разменуваат искуства и знаење. Ја презентирав и предизборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ, како и пиларите врз кои се основа новата изборна програма. ВМРО-ДПМНЕ својата програма ќе ја темели врз зајакнување на економијата и владеење на правото. Силна економија и борба со криминалот и корупцијата ќе бидат приоритет на новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Заклучено беше дека двете страни ќе продолжат да имаат блиска соработка и после победата на парламентарните избори во април – информира Николоски.
На средбата со потпретседателот на НДИ, Николски дискутирал за актуелната политичка состојба и прогресот во евроатлантските интеграции.
– Потенцирав дека слабата реализација на реформи, криминалот и корупцијата ја кочат Република Македонија во патот кон ЕУ. Го информирав соговорникот за планот на ВМРО-ДПМНЕ после промената на власта да ги реализираме сите клучни реформи и планот за одлучна и силна борба со криминалот и корупцијата со што 2020 година нема да биде загубена година за граѓаните и патот кон евроинтеграциите – вели Николоски.