Проблемите со отпадот, загадениот воздух и загадената вода беа во фокусот во последната колумна за „Независен“ на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски.
Тој потенцира дека Македонија никогаш не била понечиста.
– Тони пластика околу нас, ѓубре кое го има насекаде, прашина, загаден воздух, загадена вода… Ова, за жал, е тажната слика за Македонија, која откако зимата заминува и снегот го снемува и на планините станува сè поочигледна и појасна. Едноставно, сите тонеме во нечистотијата околу нас. – пишува Николоски и додава дека сите градови низ Македонија се соочуваат со овој проблем.
Кадрите на СДСМ и ДУИ кои на локалните избори добија речиси целосна доминација во државата, екологијата ја сведија на нула, констатира потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
– Па, се прашувам, работат ли нешто градоначалниците? Работат ли нешто општинските комунални претпријатија? Работи ли нешто „Македонија пат“ и толку ли е неспособна да ги исчисти сите два автопати кои оваа држава ги има? Работат ли нешто надлежните институции, ќе соберат ли сила да ги исчистат Попова Шапка, Маврово, Пелистер, Пониква, Беровско, сега откако снегот се стопи и сметот повторно излегува на површина. – прашува Николоски и додава дека очигледна е тоталната неспособност на кадрите на СДСМ да ја средат државата, но сепак треба да се погледниме и себе си, дали имаме култура на живот и однос кон јавното добро.
Николоски верува дека иако темата за загаденост во државата, на прв поглед не изгледа како тема од ингеренциите на претседателот на државата, таа сепак е, најмногу затоа што убива.
– Загадениот воздух, нечистата околина и загадената вода убиваат! Во состојба во која е Македонија нормални држави прогласуваат вонредна состојба! Ги ангажираат сите институции да се справат со состојбата како и сите експерти да понудат решенија. Гордана Силјановска-Давкова веќе ја отвори оваа тема, многу од спротивниот табор побрзаа да кажат дека ова не е тема за претседател на Македонија и попродолжија да се занимаваат со „високата политика“ поврзана со апстрактни прашања. Јас логично сакам да ги прашам за од високата да се спуштиме на реалната- ја прекрстивте Македонија, ѝ го сменивте името, зборувате за светла иднина, каква е таа светла иднина во која децата ви играат во паркови полни со тони смет? – заклучи Николоски.
Целата колумна може да ја прочитате ТУКА.