Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, го обвинува министерството за здравство дека доцни со тестирањата за коронавирус, со што, според него се зголемува опасноста од ширење на заразата. Тој бара да се прогласи кризна состојба во Прилеп и Куманово поради зголемениот број позитивни случаи.
„Куманово е тешко погодено до коронавирусот. Таму гледаме многу политика, многу партиски и внатрепартиски препукувања. Предлагаме итно да се донесе одлука за прогласување на кризна состојба во Куманово и бараме да не страдаат граѓаните. Уште денес“, рече Николоски на денешната прес-конференција.
Тој обвини дека во Прилеп, град кој е ново жариште на коронавирусот, не се тестира доволно.
„Денеска залудно е тестирање на 20 случаи кога други 40 чекаат ред. Нашите информации се дека, за жал, бројката во Прилеп е далеку поголема од онаа што е евидентирана. На тие луѓе им треба помош за да се спасат човечки животи. Тоа не се прави доволни. Знам дека министерството ќе излезе со бројки да не убедува, вие седете со вашите бројки, а јас ќе го слушам народот. Пренесување на тешко болните од Прилеп во Скопје кажува дека има недостиг за справување со коронавирусот. Апелирам Прилеп веднаш да добие респиратори, да се тестира целокупниот медицински персонал и да добијат соодветна опрема. Тие мора да се заштитени за да помогнат на оние на кои им се потребни“, рече Николоски.
Тој се осврна и на случајот во Битола, каде што пациент сместен на интерното одделение во битолската болница од 11 април до синоќа чекал резултати за ковид-19.
„За резултат се чекало дури пет дена, што само ги потврдува нашите предупредувања дека за резултат се чека од 5 до 7 дена, што е недозволиво“, смета Николоски.