Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, веќе 11 дена е целосно исчезнат од јавноста. Во деновите кога власта трпи вртоглав пад на рејтингот поради амнестијата која се изгласа во собранието и носењето на новиот кривичен законик со кој практично се амнестираат голем дел од обвинетите од СЈО, Димитров го нема!
Последната јавна активност на министерот е забележана на 19ти месецов, кога имаше средба со претседателот на Европскиот Совет Доналд Туск. Последниот став искажан од него е забележан на 17 декември, кога се бранеше за документите кои излегоа на Викиликс.
Извори од владејачката партија, за Лидер брифираат дека отсуството на Димитров од јавноста е поради тоа што токму во овие денови падот на рејтингот на власта и нејзините функционери е најголем.
Од друга страна, Димитров се подготвувал да биде кандидат на владејачката СДСМ на претсојните претседателски избори и токму затоа одлучил дека во овие денови најдобро е да отсуствува од јавноста.
-Димитров на Заев му ги кажал своите намери да биде кандидат за претседател и заедно одлучиле дека деновиве е најпаметно целосно да се повлече од јавноста, затоа што последните потези со амнестиите ќе донесат штета за сите, но за него таа треба да се минимизира. Има и гласини дека од Брисел, директно се упатил во Холандија каде што е неговото семејство, па за празниците ќе биде таму. – брифира за Лидер висок функционер на партијата.
Изворот вели дека неговото име баш и не е најсоодветно, но, довербата која премиерот Заев ја има во него е огромна. Неговите главни конкуренти за кандидатура, откако Заев се откажа, се Стево Пендаровски и Радмила Шекеринска.
-Кај членството најдобро би поминала Шекеринска, таа во овие денови трпи тешки удари поради нејзините претходни тврдења дека амнестија нема да има. За разлика од Димитров таа не се крие кога ни оди тешко. Ние велиме дека на изборите треба да се оди со „Коњ за трчање“ а не со „Коњ за парада“, каков што е Димитров. – вели нашиот извор.