Македонија 18. февруари 2019. / 11:24

Невладините реагираат на дискриминацијата кон Силјановска

Невладините реагираат на дискриминацијата кон Силјановска

По серијата навреди на социјалните мрежи кон професорката по уставно право и претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, невладини активити за „Макфакс“ изјавија дека е срамно во 21 век да се дискриминира личност врз основа на пол и возраст.

Активистката за родова еднаквост и права на маргинализирани групи, Ирена Цветковиќ вели дека вакви реакции во општеството во кое живееме допрва ќе следат, особено кога за претседателска функција се бори жена.

– Во еден од коментарите имаше споредба на професорката Силјановска со хрватската претседателка Колинда Грабар Китаровиќ, ова е класичен сексизам и шовинизам. Крајно време е да се стави крај на дискриминацијата на жените и на нив да се гледа како на мајки, сопруги, баби…Ние гласно ќе говориме и ќе ги осудиме сите навреди кон жените. Живееме во 21. век во кој светот се бори за мултикултурализам и прифаќање на различностите, а ние за жал сѐ уште имаме проблем со ниска свест за овие вредности. Навредите упатени кон професорката покажуваат дека со свеста за родовите разлики сме останале 500 години наназад. – изјави Цветковиќ за „Макфакс“.

На Фејсбук коментари со реакции напишаа и професорката Катерина Колозова и Жанета Трајковска,директорка на Македонскиот институт за медиуми. Колозова ги осуди омаловажувањата на поединци кон професорката и на нејзиниот профил напиша:

– Мизерна е мизогинијата кон Гордана Силјановска и омаловажувањата кои висат така, неуверливи. Може по сто прашања да не се согласувам со неа но, дека е чесен човек, остар ум и дека има политички талент е факт. Барем признајте дека противникот е достоен. – напиша Колозова.

Трајковска од Македонскиот институт за медиуми вели дека шиканирањето и сатанизирањето на политички противници е недозволиво доколку Македонија сака да стане демократска држава.

– Не ве разбирам. Со дел од вас сум делела улици за правда, за нормализирање на општеството и за политички плурализам. Викавме силно против шиканирање на политички неистомисленици, сатанизирање на граѓанските активисти и игнорирање на експертската јавност и професорите. Викавме за правда и плурализам, мир и конкуренција, различни мислења и различност. Зарем сега вие сте други и е поинаку бидејќи власта се смени?! Па сега, иако повторно се случува истото: исмевање, сатанизирање, шиканирање на политичкиот противник и неистомисленик, сега е ок?! Само затоа што Вие сега тоа го правите, истите вие што силно викавте дека нема правда и нема мир. Па што ви е бре?! Вакво иронизирање и потсмевање беше дел од злото кое не смееше да се повтори. За ова се боревте, да го заземете местото за исмевање и сатанизирање на противниците?! Па кај ви е сонот за плурално, различно и живо општество полно со спротивставени ставови и идеи, ама со иста цел: Македонија да стане нормална, напредна и демократска држава. Изгледа не ни имало сон за Македонија. – напиша Трајковска.

Реакциите следат откако на социјалните мрежи, поединици упатија навреди кон професорката Силјановска од типот дека е „стара баба“ која треба да чува внуци, а не да води полититика, а претходно ја прогласија и за „старомодна“, бидејќи немаше Фејсбук профил.